Гевгеличани можат електронски да предлагаат проекти за Предлог Буџетот за 2022 година

Електронски се прибираат граѓанските предлози за Предлог Буџетот на Општина Гевгелија. На интернет страната на Општината споделен е линк каде може да се испраќаат предлозите. Изминатата недела градоначалникот Андон Сарамандов, оствари работна средба со претседателите на Месните заедници од населените места во општина Гевгелија, во рамки на јавната расправа по Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година. Од негова страна беа презентирани сите активности кои ги планира Локалната самоуправа и се предвидени да се реализираат во нивните населени места. Голем дел од нив беа содржани и во Нацрт-Буџетот и ќе бидат опфатени решенија за многу долгогодишни проблеми кои се од приоритетно значење за овие населени места. Претседателите на Месните заедници, застапувајќи ги интересите на жителите од нивните населени места, даваа предлози, идеи и забелешки по Нацрт-Буџетот, усвоен на последната седница на Советот на Општина Гевгелија, вклучувајќи се во дефинирањето на финансиската политика на Општината во наредната година. Како приоритети, беа потенцирани обезбедувањето локален превоз до сите населени места и реализација на комунални и инфраструктурни проекти. Инаку, поради пандемијата од КОВИД-19, другите активности од јавната расправа ќе се одвиваат електронски, најави градоначалникот Сарамандов, нагласувајќи дека своите предлози и идеи можат да ги дадат преку веб-алатката за граѓанско учество во креирање на Буџетот на Општина Гевгелија за 2022 година, поставена на веб-страната на Општина Гевгелија. Линк: Граѓанско учество во креирање на Буџетот

Предлог Буџетот на Општина Гевгелија ќе се најде пред советниците на средницата во среда, 29 декември.