Актуелниот директор на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски преку Фејсбук си поднесе оставка од работната позиција директор. Тој во фејсбук статусот не дава објаснување за ваквата одлука, но ги потенцираше успесите постигнати од тимот на Зоолошката градина во изминатите три ипол години.

„Успеавме рекордно да ја зголемиме посетеноста, да ги изработиме сите проекти кои ги ветивме, донесовме многу нови животни за првпат во нашата држава, а децата добија омилено место за секојдневни прошетки. Зоолошка градина Скопје стана најпосетена институција во државата, го отворивме и најзелениот Дино Парк со најмногу диносауруси на Балканот со преку 400 дрва и садници. Успеавме да средиме делови од градината кои со години не биле санирани, ги исчистивме езерата после 13 години, ја отворивме Бејби Зоо и направивме живеалишта за фламинга и пингвини по светски стандарди. Организиравме многу хуманитарни акции, помагавме секаде каде што можевме и тоа беше нашата најголема сатисфакција за успех. Зоо Скопје стана прва дигитализирана зоолошка на Балканот, со своја апликација и онлајн продажба на билети“, наведува Галетановски.

Тој се надева дека зоолошката ќе продолжи да се развива и да се прават проекти со кои ќе се продолжи  успехот на оваа институција.