Кои се проблемите во Општина Крушево, како истите можат да се решат, гледано од една граѓанска перспектива, и спакувано во еден проект, ќе најдат свое место во локалниот буџет за 2022 година.

Општина Крушево во рамки на проектот „Низ женски леќи: покренување на политики и буџетски иницијативи следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ собира предлог проекти кои се разгледуваат да бидат дел од буџетот за 2022-ра година.

Во рамки на проектот се спроведоа 3 фокус групи со вкупно 87 учесници кои пак резултираа со голем број на предлог проекти како предлози за предлог буџетот за наредна година. Предлог проектите се рангирани по приоритети.

„Ова е дел од една одлична иницијатива со која го зголемуваме граѓанското учество во распределбата на финансиите за наредната година. Дополнително што е важно за овој проект е што истиот е „низ женски леќи“, односно има родова компонента. Од денес започнуваме со дополнителни консултации на граѓаните за креирање на предлог буџетот за 2022-ра.“, изјави градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

Главна цел на проектот, финансиран од ЕУ е поттикнување на проактивноста на граѓанското општество преку зајакнување на вмрежувањето, користејќи РОБ методи за соработка со локалната самоуправа и формирање на локални политики и буџети за решавање на различните потреби на жените и мажите, особено на најранливите и маргинализираните групи во 17 целни општини во време на криза.