Секој штипјанец од денеска па во наредните пет дена, до петти декември, на страната novaidninazastip.mk ќе има можност да напише свој предлог, идеја или проект кој би сакал општината да го предвиди во годишната програма и буџетот за 2022 година.

Со ова градоначалникот Иван Јорданов вели дека жителите ќе имаат можност да одлучуваат каде ќе се трошат нивните пари и на кои проекти општината треба да стави акцент и да бидат приоритетни.

Највисоко рангираните проекти општината се обврзува да ги стави во проекциите за идната година.

– Тоа не значи дека другите проекти нема да бидат уважени, туку за нив исто така ќе размислуваме и доколку сме во можност ќе ги планираме за наредниот период. Идејата е секој граѓанин од дома да може да учествува во креирањето на буџетот и да има придонес во процесите на одлучување во својата локална самоуправа, рече Јорданов потенцирајќи оти со користењето на дигиталните алатки сакаат да ја зајакнат транспарентноста на општината, а во исто време да имаат континуитет во ветеното.

Страницата novaidninazastip.mk инаку беше направена во текот на изборната кампања на Јорданов, а истата беше интензивно посетувана, со што граѓаните помогнаа да се направи изборната програма.