Изминатиот викенд градоначалничката на Град Скопје излезе на терен поради поплаки на голем број  граѓани за преполни контејнери ширум градот. Таа беше во посета на  ЈП „Комунална Хигиена“ каде доби ветување од одговорните на смена дека ситуацијата ќе биде надмината во најкраток можен рок, а проблемот бил решен за неполн час.
„Проблемите ќе се решаваат тековно, остануваме на терен и редовно ќе ја контролираме работата на сите градски претпријатија, а ќе одржиме состанок со раководството на јавното комунално претпријатие каде ќе биде расчистено зошто повеќе од недела дена на неколку локации во Скопје не се собира сметот од контејнерите со динамика согласно потребите“, напиша Арсовска на Фејсбук.

Таа вели за во иднина на секоја дојава на граѓани ќе се реагира. Таа потенцираше дека отстапки за неодговорното однесување на градските служби, нема да има.

„Нема да дозволиме некој наместо професионално да раководи, да собира политички поени на работа што треба да биде завршена без да се јавува самиот градоначалник, а на терен ќе бидеме присутни постојано бидејќи ред мора да има“, напиша Арсовска.