Се гради водовод во Ѕвегор, заврши изградбата на велосипедска патека

Продолжија интензивните градежни работи во делчевската општина. Деновиве почна да се работи на изградба на новиот водовод во с. Ѕвегор, како дел од втората фаза од реализацијата на големиот проект за Водоснабдување на Делчево. Увид во текот на работите изврши градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој истакна дека со овој проект во с. Ѕвегор комплетно се заменува постоечката водоводна мрежа со нова.

-Конкретно во селото Ѕвегор-старата водоводна мрежа градена пред половина век од самите жителите и која не одговараше на стандардите и не ги задоволуваше потребите на жителите, посебно во летниот период, добива нов водоводен систем.  Ако првичната мрежа е изведена од азбест цементни цевки сега мрежата се гради со полиетиленски цевки. Овој проект има една основна цел, а тоа е да се подобри водоснабдувањето во селото, преку комплетна реконструкција на мрежата со која ќе се исполнат сите технички прописи, ќе се овозможи лесно одржување и квалитетна услуга на корисниците, истакна Трајковски.

Работите ги изведува фирмата „Бауер БГ“ , а по завршување на работите во Ѕвегор ќе започне изградба на новиот водоводен систем во с. Габрово.

Втората фаза од проектот „Водоснабдување на Делчево“, е финансиран од Министерството за животна средина во висина од 1, 3 милиони швајцарски франци. Вкупниот проект „Водоснабдување на Делчево“ е во износ од 7, 3 милиони швајц.франци од кои 6 милиони се донација од Швјацарската конфедерација, а 30.000 швајцарски франци контрибуција на Општина Делчево.

Еден проект почнува, друг завршува.

Заврши доизградба на дел од велосипедската патека Делчево-Илин Камен во рамките на која се изгради улица во с. Ѕвегор, како дел од патеката која е долга 720 метри.

Средствата за реализација на овој проект се обезбедени од Министерство за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој, а во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, проект за развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Висината на инвестицијата е 4,999,893.25 со вклучен ДДВ. Од Бирото за рамномерен регионален развој се обезбедени 3.500 000 денари. Градежните работи ги изведуваше фирмата СД Транс.

Реализацијата на овој проект е во насока на промоција на природниот раритет Илин Камен кој е во непосредна близина на Ѕвегор, зголемување на потенцијалите и содржините на туризмот во Делчево, како и промоција на велосипедизмот и рекреативното пешачење.

Со оваа инвестиција  е реализиран и вториот дел од велосипедската патека која поминува низ с. Звегор и за имплементација за целосно финализирање на патеката ќе остане да се поврзе селото Звегор со локалитетот Илин Камен, фаза која предвидува уредување на шумскиот пат со потпорни ѕидови на местата, каде патот е уништен со ерозија на земјиштето.