Пред заладувањето и почетокот на зимскиот период новата локална власт на Свети Николе се насочи кон градежните работи на неколку улици, канализациона и атмосферска мрежа, а се најавува и продолжување на закочените работи на чистење на речното корито. Ова пред новинарите денеска го образложи новиот градоначалник, Дејан Владев, кој во првите денови од преземањето на функцијата имал средбата со изведувачите, со кои е договорена нова динамика на работите со почитување на сите стандарди во изведувањето на работите.

-Извршивме асфалтирање на ул.„Јанко Глигоров“ комплет, на која ние си земавме обврска и го задолживме изведувачот да постави и хоризонтална сигнализација. Улицата „Гоце Делчев“ спроти Рудина, е започната со реализација, денеска, најдоцна утре, ќе биде и таа асфалтирана. Исто така, бидејќи има двајца изведувачи во тој реон, ги седнавме на маса и се договоривме конечно да завршат со нивелирање на земјиштето за да можат да се врзат. На населбата Рудина и патот кон Крушки (зборуваме за голема површина, која беше раскопана во претходниот период), го задолживме изведувачот до декември квалитетно да изврши тампонирање и поставување на ивичници за да не се брза со асфалтирање во зимскиот период луѓето да не газат по кал. Имаше заборавено доста куќи во тој дел што не беа врзани на канализацијата, затоа ќе им оставиме простор на стручните луѓе од ЈКП во најбрз можен рок прво да ги приклучиме на канализационата мрежа за која што веќе имаат платено, а се’ уште не се приклучени. Зборуваме за 20-30 семејства што не е мала бројка, да не извршиме асфалтирање како што беше предвидено, па потоа да копаме, прво ќе ги поврземе на мрежата, а ако дозволат временските услови и да асфалтираме, изјави Владев.

Градоначалникот за жителите на улицата „Живко Чинго“ за период од две недели најавува врзување на атмосферската и канализационата мрежа, како и тампонирање  и поставување на гребен асфалт, со цел во зимскиот период да не газат по кал. Работите на коритото на реката, кои биле закочени поради покрената судска постапка, градоначалникот на Свети Николе најавува дека ќе продолжат за дваесетина дена.
-Се договоривме да се повлечат тужбите и се постигна договор од Први декември изведувачот, заедно со стручниот надзор да започне да го исчисти речното корито и да го среди, односно да го тампонира, кажа Владев.

Тој најави дека ќе се асфалтира и во делот од градот каде се наоѓаат модерни семејни куќи, кои биле легализирани, меѓутоа, се’ уште немаат изграден пат. Се работи за Сопотски пат и Горубински пат, за кои се изработени проекти, кои деновиве се испратени во Светска Банка, од каде се очекува нивно одобрување.
Она што е почнато од претходната локална власт, а во интерес на граѓаните, според Владев ќе продолжат, меѓутоа, делумно изменети, како што е случајот со проектираната балон сала во ОУ „Даме Груев“ во Ерџелија.
-Таму имаше идеен проект за изградба на балон сала. Наследивме распишан тендер за изградба на балон сала, но без подлога. Бевме во недоумица дали да го запреме проектот или да најдеме начин таа балон сала навистина да биде балон сала. Во соработка со Финансиската служба на Општина Свети Николе одвоивме дополнителни средства за да се направи тој тампон и оваа балон сала навистина на личи на спортска сала., каде младите од Ерџелија ќе може да спортуваат, објасни градоначалникот.
Измена ќе има во планот и проектот за изградба на спортски објект во СОУ „Кочно Рацин“, чии ученици со години немаат објект за изведување на наставата по спорт. Наместо балон сала, во центарот на Свети Николе ќе се гради спортска сала со цврст објект.
-Имаше идеја од страна на претходната локална самоуправа таму да се гради балон сала, но ние како нова локална власт веруваме дека многу е подобро да се изгради спортска сала од тврда градба, како што доликува на градот. Можеби ќе биде некој период подоцна од предвиденото, ама вистинска спортска сала за СОУ „Кочо Рацин“ ќе има, вели Дејан Владев.

Градоначалникот Владев најавува дека во Ерџелија ќе продолжи и проектот со изградбата на детска градинка, која е финансирана од Министерството за труд и социјална политика, додека ќе се работи и на градскиот стадион, каде игра ФК „Овче Поле“.
Во првиот денови од неговиот мандат, Владев одлучи да го поништи тендерот за изградба на затворен базен, бидејќи како објасни, целиот проект е 1,5 милиони евра, колку едногодишниот буџет во општината, пари што не се обезбедени. Како што вели Владев, базен ќе има, но со помош на приватниот капитал.