Максим Димитриевски ги повика на кафе неговите противкандидати, Ивана Ѓорѓиевска ја предлага за претседател на Советот

Максим Димитриевски со официјализирање на неговиот втор мандат како градоначалник на Куманово, рече дека иницијативата „За наше Куманово“ ја доби поддршката од граѓаните како натпартиска граѓанска иницијатива, што бара одговорност плус за спроведување на ветените политики.

Димитриевски потсети дека ветил дека како градоначалник ќе разговара со сите кандидати за градоначалници во функција на соработката за добро на граѓаните на Куманово.

За таа цел, старо-новиот градоначалник ги повика негови противкандидати во понеделник во 14:00 часот на состанок каде што ќе разговараат за нивните изборни програми.

-Ќе побарам суштинските проекти од нивните програми да се инкорпорираат во една заедничка програма и заедно во следните четири години да ги реализираме. Граѓанскиот интерес мора да биде пред партискиот или личниот интерес.

Концептот „За наше Куманово“ излегува од граѓаните и ќе работи исклучиво за граѓаните на нашиот град. Кумановчани мора да ги имаат квалитетни решенија, не смееме да ги разочараме, а знам дека моите противкандидати го имаат истиот став како мене, соопшти Димитриевски.

Во однос на идниот претседател на Советот на општина Куманово Димитриевски порача дека ова не е време за поделби, туку е време за обединување, а не за политички натпревар и собирање на политички поени.

Поради тоа, иницијативата „За наше Куманово“ предлага  Ивана Ѓорѓиевска  да биде кандидатот за следен претседател на Совет на општина Куманово, за што ја бараат поддршката од сите советнички групи и сите претставници во Советот.

– Сметам дека треба да се обединиме позади едно име кое доаѓа од еден граѓански концепт, којшто нема да биде во функција на политиката, туку единствено ќе биде во функција на граѓаните. Ајде да покажеме дека Куманово ни е поважно од партиите, да покажеме дека Куманово на сите ни е на прво место. Да покажеме дека Кумановци секогаш посакувале да имаат општина која ќе биде неоптоварена од политички превирања и политички влијанија. Да покажеме дека Кумановци можат заедно да работат за својот град и во втор план да ги стават партиските интереси, повика Димитриевски.