Бочварски од Делчево:  Делчево го доби својот изглед на модерен град

Интензивно се работи на реализација на инфраструктурните проекти во Делчево кои се дел од Проектот за поврзување локални патишта во РСМ, кој Миистерството за транспорт и врски го реализира со финансиска поддршка на Светска банка. Увид во градежните работи на ул. „Орце Николов“ денеска извршија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

Како што истакна министерот Бочварски, Делчево во овие четири години го доби својот изглед на модерен град.

-Денеска извршивме увид во реконструкција на улицата „Орце Николов“. Ова е една од улиците во градот со чија реконструкција ќе се подобрат условите за живеење на граѓаните. И не е случај само со оваа улица. И на улицата Скопска и на улицата Острец, со реконструкција на локалниот пат до Тработивиште.  Со сите овие инвестиции го менуваме ликот на Делчево и овозможуваме подобри услови за живот на сите граѓани, истакна Бочварски.

Тој додаде дека во Делчево и нема регионален пат кој не е рехабилитиран. Целосно е  рехабилитиран патниот правец од Кочани до Делчево,  потоа од Делчево до Пехчево, понатаму патот до Звегор, транзитниот булевар. Освен во патишта, се инвестираше и во комуналната инфраструктура- завршена е изградба на атмосферската канализација во  Милково Брдо,  каде вложивме 11 милиони денари, а со средства од ТАВ- програмата, предвидена е инвестиција во висина од 5 милиони денари за реконструкција на училишната фасада на основното училиште Ванчо Прке.

-Овие погранични општини ни се од особена важност заради регионалното поврзување, пограничната соработка со соседните општини и затоа вложуваме и инвестираме за подобар живот, полесно поврзување и раздвижување на економијата и генерално, за просперитетна иднина на сите граѓани, истакна Бочварски.

Во населбата Ново Делчево привршуваат работите за реконструкција на две клучни сообраќајници „Скопска“ и „Орце Николов“, со вкупна должина од 750 м, а деновиве започнуваат гардежните работи и на ул „Острец“ каде ќе се прошири коловозот на критичната кривина и ќе се изгради потпорен ѕид со што ќе се подобри безбедноста во сообраќајот на овој дел од улицата, а интензивно се работи на изградба на патот Делчево-Тработивиште во должина од 5,3 км со што се добива уште една сообраќајница која овозможува полесен пристап до селата Тработивиште и Разловци, односно се гради уште една патна алтернатива за овие две села во Делчево.