Првото бебе во Кумананово е родено 45 минути по полноќ. Бебето е машко и тешко 3.470 грама, а на свет го донесе Емине Аљдиви(29) од Ваксинце општина Липково.

„Многу сум среќна. Ова ми е прво бебе, ќе се вика Ерион. Добро се чувствувам и благодарам на општината за подароците”  – изјави мајката, која се породила со царски рез и се поминало во најдобар ред. Во текот на ноќтта се родиле 4 бебиња.

„Ние дежурството го поминавме работно, имавме 4 породувања. Првото новороденче е живо машко дете со тежина од 3.470 грама и должина 51 сантиметар. Породувањето беше во 00.45 часот, со царски рез. Мајката е добро, исто како и сите други мајки и бебиња што се родија во текот на ноќта”, изјави др.Наиље Османи, дежурен гинеколог.

Бебето и мајката на одделението за гинекологија и акушерство ги посети градоначалникот Максим Димитриевски, кој им врачи штедна книшка со износ од една просечна плата од 23.000 денари, цвеќе и други подароци.

„Во име на граѓаните и во мое лично име на бебето и неговото семeјство им посакувам многу среќа и успех. Бебето да израсне во личност кој ќе го сака својот град и ќе даде несебичен придонес во развој на нашата општина” – изјави Димитриевски.

Од оваа година секое семејство со новороденче ќе добие на домашна адреса садница кој има обврска да ја засади и да биде дел од акцијата „Посади живот за живот”, за озеленување на градот.

Во Општата болница Куманово на оддлението за гинекологија и акушерство во 2017 година биле родени 1383 бебиња, 30 помалку од предходната година. Во Кумановската болница се  пораѓаат и жени од целиот североисточен регион.