На истекот од четиригодишниот мандат, градоначалник на Општината Гевгелија, Сашо Поцков се навраќа на периодот кога ја презеде општината. Притоа, Поцков потсети на предизвиците со кои се соочил пред него.

-Затекнав длабоко задолжена општина, долг од 143 милиони денари и 2 милиони евра кредитни обврски, поради што најважно беше финансиска консолидација. Успеавме со средства од Владата на РСМ и сопствени средства најголемиот дел од долгот да го измириме, финансиската состојба на општината сега е консолидирана и стабилна, долговите постојано се сервисираат, а обврските редовно и навремено се исплаќаат. Исто така, требаше да се изменаџираат и веќе започнатите капитални проекти, бидејќи за завршување на водоснабдителниот систем беа потребни дополнителни средства и технички интервенции, додека за Времената депонија да се изгради приоден пат и потребната инфраструктура за нејзино профункционирање, вели Поцков.

Последната година и пол пред Општината е испречи и пандемија со сите последици кои истата ги донесе, посебно, во локалната економија, но и во областа на здравството,  образованието, културата, социјалата и со сето она што значи општествено живеење.

-Последиците од пандемијата ги амортизираме, со здружени сили на централната и локалната власт, приватниот и невладиниот сектор ги надминуваме. И покрај ваквите предизвици, со многу напори и искрени заложби успеавме да постигнеме значаен напредок и остварување на стратешките приоритети на општината и интересот на граѓаните. Најдобра потврда за тоа се реализираните над 70 проекти во изминатите четири години, кои значително ја подобрија патната и комуналната инфраструктура, здравствената и социјалната заштита, образованието, грижата за животната средина, културата, спортот и младинското ангажирање.    Станува збор за реализирани и видливи проекти, а не за предизборни ветувања, кои ми се припишуваат како слабост, забележува градоначалникот Поцков.

Со цел да се подобрат условите во сите детски градинки беа вложени 14 милиони денари, беше отворена нова Градинка во Прдејци и детски јасли во градинките во Негорци и Миравци. Во образованието беа вложени значајни средства за подобрување на условите за настава, но не само во основните училишта и во средното општинско училиште, туку и во подрачните училишта. За подобрување на здравствените капацитети, особено во узлови на пандемија, издвоивме сопствени средства за доградба на Дневниот Ковид-центар, а ги обезбедивме и сите потребни инфратсруктурни предуслови за поставување на Модуларната КОВИД-болница во Гевгелија. Изградени се и реконструирани повеќе патни правци во општината, како и нови водоводни и канализациони линии, уредени се нови детски игралишта и спортско-рекреативниот центар „Динќут“.

Обезбедни средства за започнатите капитални проекти

За реализација остануваат повеќе договорени или започнати инвестициони зафати, кои се со затворена финансиска конструкција. Станува збор за капитални проекти, кои значително ќе ги подобрат условите за живот на сите граѓани, а за кои во Гевгелија се зборува подолго време, истакнува актуелниот градоначалник на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.

-Тоа се доизградба на улицата „Св. Климент Охридски“, чија прва фаза веќе започна, како продолжение на  булеварот „Гевгелија“, со што ќе се создадат услови за услови за пренасочување на товарниот сообраќај од влезот на Гевгелија, покрај станбената населба „Караорман“ и поврзување со „Моински пат“. Потоа, доизградба на Детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, каде што со новоизградените 1000 метри квадратни, ќе се создадат услови за згрижување на 100 до 120 деца. Проектот е одобрен од Министерството за труд и социјална политика. Истовремено, се обезбедени урбанистички предуслови за изградба на нова детска градинка во УБ 7. Реализација на грантот од КWF- банка во износ од 2,5 милиони евра, за што веќе е потпишан меѓународен договор со изведувачот. Средствата ќе бидат наменети за замена на водоводната линија до Граничниот премин „Богородица“; приклучување на населените места Негорци и Прдејци кон градската водоводна мрежа, сепарација на досегашниот постоечки мешовит канализационен систем и изградба на нова атмосферска канализациона мрежа во јужниот дел на Гевгелија и набавка на дигитални водомери за домаќинствата во општина Гевгелија. Со реализацијата на грантот, исто така, ќе се обезбедат вода и канализација за ТИРЗ„Прдејци“ за предуслов за нејзионо инфраструктурно уредување.

Остануваат за реализација уште планирани проекти како набавка на ново противпожарно возило и нова опрема за потребите на Противпожарната единица во Гевгелија, бидејќи појавата на сезонски пожари со сериозни материјални штети и последици на животната средина ја наметнаа потребата од осовременување и проширување на техничките капацитети и ресурси на ТППЕ- Гевгелија. За набавка на возилото средствата се обезбедени и подобрени од ИПА-ППС со Грција.

Потоа, селекција и рециклажа на отпад имајќи предвид дека во Времената депонија, која ќе профункционира веднаш по затворањето и ревитализацијата на Старата депонија, ќе биде одлаган само отпад со органско потекло. Договорот со изведувачот од страна на Министерството за животна средина за ревитализација на старата депонија веќе е потпишан и наскоро стартуваат изведбените работи, се дел од проектите, кои се во функција на создавање на Гевгелија, како модерна и современа општина.