Општина Виница е општина во источниот дел од земјата. Во нејзини рамки припаѓаат 16 населени места, има околу 20.000 жители, од кои 12.000 во градот. Населението се занимава со земјоделие, но тука доминираат и индустриски капацитети, некои од нив претставуваат препознатливи брендови во и надвор од земјава.Градоначалник на општина Виница е Ивица Димитров, млад човек, семеен човек. При крај е на неговиот прв мандат. Во интервјуто на Моја општина разговаравме за предизвиците, за искуството, за законските можности, за законот за легализацијата, за децентрализацијата…

„Како и секоја општина така и нашата општина, условите ги диктираме ние како први луѓе на овој град и нормално, се’ она што е потребно и она што во еден  момент не било возможно, ние се трудиме да го решиме и да дадеме придонес да се подобрат условите,“ вели градоначалникот Димитров во врска со условите кои што ги нуди и има Општина Виница.

Пред 10-15 години, вели Димитров, не само од Виница туку и од околните градови, се иселија многу семејства. Бидејќи се уште не е направен пописот не може да се каже точниот процент на иселеност, но по бројот на запишани првачиња во изминативе четири години, од 150-160, состојбата се стабилизира. Ист бил бројот и за ова учебна година.

„Се надевам дека стагнирањето со иселувањето се должи на зголемувањето на минималната плата, на просечната плата. Со отварањето на нови индустриски капацитети, се надевам дека жителите на Општина Виница ќе го најдат своето место, токму во родниот крај. Нормално со реализирањето на бројните проекти што го подобруваат квалитетот на животот ќе помогнеме општината да биде подобро, помодерно место на живеење,“ смета Димитров.

На почетокот на градоначалничкиот мандат, Димитров вели дека затекнал општина , која што немала готови проекти, општина со долг од 97 милиони денари. По четири години биле реализирани повеќе од 200 проекти.

„Го намаливме долгот од 97 на 47 милиони денари. Во делот на инфраструктурата заедно со Централната власт направивме социјални станови, каде што ќе вдомиме 36 социјално ранливи семејства. Ја изградивме спортската сала во ОУ Славчо Стојменски, инвестиција е вредна 24,5 милиони денари. Во моментов се гради затворениот градски пазар, проект којшто го ветуваа сите градоначалници изминативе 30 години, инвестицијата е вредна 30 милиони денари, средства обезбедени од општинскиот буџет. Ја реконструиравме кино салата, инвестиција вредна 18 милиони денари, асфалтиравме повеќе од 40 улици во општината. Со последниот проект кој што го работевме,  ги заменивме азбесните со полиетиленски цевки, на последните три улици. Општината заедно со Ј.П за Државни патишта, на територијата на Општина Виница, асфалтирани се повеќе од 44 километри,“ додава Димитров.

Што се однесува до соработката со Советот, вели дека благодарение на мнозинството , било возможно да се реализираат сите предвидени проекти. И во случаевите кога се носеле одлуки за проекти од исклучително значење за градот и чиешто реализирање значително ќе го подобрат квалитетот, опозицијата во советот гласала или против или воздржано.

Во изминатите четири години, вели Димитров биле донесени шест ДУП, а десет биле во фаза на донесување.

„Претходниот закон за легализација кадешто е предвидено едно евро за метар квадратен е доста лош за нас општините, бидејќи тоа се едни од начините, преку кои ние како општини можеме да имаме финансиски бенефит. Со новиот закон за легализација  ќе биде подобро, бидејќи овде секоја изградена дивоградба во изминатите 20-30-50 години ќе биде платено 100% комуналии и плус 50% казна затоа што е изградено нелегално. Така на еден начин со овие услови ќе се подобри финансиската состојба на општините. Сепак најдобро е за сите нас, да се гради според урбанистичките планови коишто ги изработуваат општините,“ вели Димитров.

Во врска со тоа што треба да направи Централната власт а што локалната за подобро и поефикасно работење на општините, според Димитров , треба да се промени законот за поврат на ДДВ , се’ со цел општините да имаат подобри финансии, да ги реализираат потребите, бидејќи секоја општина знае што е најдобро за неа.

„ На неколку наврати реагиравме до ЗЕЛС се’ со цел да се промени законот за поврат на ДДВ. Општина Виница има доста производствени капацитети, доста фирми коишто се реномирани не само во нашата држава, туку и надвор од неа. Овие фирми работат интензивно и  ДДВ го плаќаат во државата, меѓутоа според законските регулативи, повратот на ДДВ во општините се врши според населените места и бројот на жители. Ова значи дека се наоѓаме во ситуација во која и покрај тоа што се трудиме да ги подобриме условите во индустријата, за возврат финансиските средства коишто ги добиваме се доста помали. Затоа бараме измени на процентот или начинот за поврат на ДДВ,“ смета градоначалникот на Виница.

На прашањето дали по четири години градоначалнички мандат би направил нешто поинаку, Димитров вели дека работите многу се променети  и дека тоа се должи на вложениот максимум состојбите да тргнат на подобро.