Три празници во едно славеа каменичани на празникот Голема Богородица. Денот на рударите, православниот празник и дополнително оваа година се одбележа 25 години од основањето на Општината Македонска Каменица. Годинава, како и секоја измината на 28-ми август, одбележувањето беше во знакот на рударите, дополнето со славењето на младите. Деновиве завршија работите на Паркот на младите, чиј изглед го дадоа двајца млади архитекти, чие решение беше избрано на конкурс. Лоцирано на уредениот кеј на Каменичка река, веднаш до делот за младите со скејт паркот, поставено е новоуреденото детско игралиште, кое на празникот беше преполно со деца, забрзани да ги испробаат сите поставени реквизити.

Младите архитекти Денис Садулов и Христина Стојилова, креатори на Паркот на младите, беа меѓу заслужните граѓани, кои добија плакета по повод 25-годишнината од основањето на Општината Македонска Каменица, заедно со најдобриот рудар Венцо Марковски, државните шампионки фудбалерки од ЖРК „Каменица – Саса“,   КК „Баскет Кам“, здравствените работници од Здравствениот дом и повеќе други организации и поединци. Се’ заедно, како што рече градоначалничката Соња Стаменкова помогна „малите градови да бидат пример на големите дека и тие можат да бидат големи“.

-Првата перцепција е кога ќе кажете дека доаѓате од рударски град се мисли дека најверојатно доаѓате од некое сиво градче, дека се’ е црно… Тоа е асоцијацијата. Меѓутоа, ние сме една успешна приказна, во која покажавме дека екологијата и рударството уште како се спојливи и дека благодарение на општествената одговорност на рудник „Саса“, на заложбите на сите здруженија, на сите битни фактори на локалната самоуправа, успеавме да прикажеме сосема поинкава слика дека зачувувањето на животната средина ни е приоритет, но и насочувањето кон таа европска агенда за зелен енергетски ефикасен град, рече градоначалничката Стаменкова.

– Со вашиот труд белее овој град, им порача Стаменкова на рударите.

Градоначалничката на одбележувањето го  истакна фактот дека токму Каменица е градот каде европски медиуми дошле да го прикажат како пример како малата општина станува зелена и следи европски практики, со тенденција да стане енергетски независна општина.

Македонската Каменица е општина која во изминатите 25 години интензивно се развиваше и со помош на рудникот за олово и цинк „Саса“, со кого стопанисува Централ Азија металс. Генералниот директор Скот Јиланд најави дека продолжува поддршката на општинските проекти или како што рече, се’ што е интерес на граѓаните.

-На толку значаен ден, за мене е значајно што сум тука и би сакал да и’ честитам на Каменица за нејзиниот јубилеј. Се надевам дека и понатаму со градоначалникот и неговиот тим ќе го градиме тој однос на искреност, транспаренстност, ќе продолжиме да ја поддржуваме општината и потаму. Ни беше задоволство во изманатите четрири години да работиме со градоначалникот и со сите претставници на локалната самоуправа. Остануваме посветени на поддршка на заедницата и нејзините граѓаните, рече на свеченоста генералниот директор Јиланд.

Вицепремиерот Љупчо Николовски,кој и самиот потекнува од регионот, го изнесе фактот дека во изминатите години, само во Македонска Каменица владата има инвестирано 23 милиони евра во инфраструктура, улици и други проекти.

-Да посакам во име на владата да продолжи растот, развојот, да продолжи растот на сите оние убави проекти, за кои цел ден зборуваме во Каменица, да се множат, да се создадат се’ подобри услови за живот. Ова е местото кое навистина му лежи во срце и навистина е едно од најубавите наши урбани мали места и се пример како треба да се развиваат општините по еден модерен, европски тек и верувам дека сигурно ќе продолжиме и ќе продолжите како жители на Македонска Каменица во тој правец, рече Николовски.

Македонска Каменица, која секоја година го слави трудот на рударите, вообичаено ги собира на едно место, спроти градскиот храм, жителите на градот и околината, но и иселниците, кои оваа година, поради пандемијата го изоставија традиционалното доаѓање во родниот крај. Каменичани посакаа се’ помалку млади да им заминуваат и на Богородица да враќаат за пак да заминат, да останат дома и Паркот на млади и новоуреденото детско игралиште да бидат максимално посетени.