Не само по своето славни минато со златни букви испишано во македонската историја, не само како роден град на нашата музичка легенда Тоше Проевски, Крушево полека но сигурно станува и светска дестинација на авантуристичкиот, активниот туризам.
Крушево е единствен град во Македонија кој лежи целосно на над 1.000 метри надморска височина, а неговите највисоки делови достигнуваат речиси до 1.300 метри. Неговата  околина од природата дарувана нуди адреналински височини привлекувајќи ги од целиот свет, љубителите на авантуристичкиот туризам- параглајдерство, змајарство, планински велосипедизам ….
„ Во изминативе години Крушево стана дестинација за активен туризам и токму поради тоа општината се насочи и работи на развој на тој дел од туризмот, се инвестира во тој дел од туристичките понуди. За таа цел се трудиме да обезбедиме што повеќе содржини. Настојуваме да се создаде една туристичка инфраструктура којашто ќе привлече повеќе туристи, љубители на авантуристичкиот, активен туризам. Тука се одржуваат повеќе меѓународни натпревари во параглајдерство и змајарство.
Ние го имаме полетувалиштето Мечкин Камен, кое што според природните услови е едно од најдобрите во Светот. Во изминатите години ние и инфраструктурно го уредивме се со цел да обезбедиме одржување на многу натпревари но исто така и услови за параглајдеристите, спортисти од овој тип, коишто би дошле тука од целиот свет на рекреативен одмор,“ вели Габеловски.

Оваа полетувалиште на Мечкин Камен беше  реконструирано во 2018 , во два наврати се со цел да се одговори на потребите на големите натпреварувања, европски и светски.
Сега имаме двојно поголемо полетиште, средено, со вештачка трева. Сега полетиштето е двојно поголемо, побезбедно е и ги исполнува стандардите кои што ги бараат меѓународните натпревари во палаглајдерство и змајарство

Тука во 2019 година се одржа светското првенство по змајарство и светско првенство во параглајдерство. Со исклучок на 2020 година поради корона-кризата , тука се организираат по 7-8 меѓународни натпревари во параглајдерство, „Крушево Озон опен, во кој се вклучени натпреварувачи од Европа и Светот.
На само неколку метри од полетувалиштето „Мечкин Камен„ општината гради објект кој треба да биде куќа, дом на параглајдерството и змајарството.

„Објектот кој што се гради, се гради со средства од Владата. Чини четири милиони денари. Изградбата на овој објект е во насока на задоволување на потребите на барањата на параглајдеристите и организаторите на меѓународните натпревари. Тука во објектот се предвидени канцеларија за состаноци, просторија за чување на опремата но и просторија за одмор и рекреација. Овој објект се гради во вистинско време, затоа што се подготвуваме за светско првенство во змајарство во 2023 година но и за бројните натпревари по параглајдерство и змајарство кои секоја година, освен во 2020 година, се одржуваат во Крушево. Нашето полетувалиште според природните услови е едно од најдобрите во Светот, затоа со изградбата на оваа инфраструктура се трудиме да го унапредиме овој дел,“ додава Габелоски.

Во непосредна близина на објектот што се гради се наоѓа и второто полетувалиште , кое што како што велат крушевчани се користи како алтернативно.
Сепак оваа инфраструктура не е доволна за да се привлечат посетителите, спортистите љубители на авантуристички, активен туризам.

„ Не треба да се фокусираме само на параглајдерството и змајарството, туку мора да подготват и други содржини коишто спаѓаат во тој активен туризам а ќе одговараат на потребите на тие активни туристи. Тие во деновите кога немаат летања тие повторно сакаат да прават нешто активно, бидејќи едноставно се таков тип на луѓе. На нив им треба планинарење, велосипедизам, искачување по карпи и слични содржини со кои би го исполниле слободното време. Така, ние во рамките на проектот за Локална и регионална конкурентност, финансиран од Европската унија, администриран од Светска банка, имплементиран од општината, предвидени се 42 километри велосипедска патека во рамките на планинскиот велосипедизам, карпи за искачување, реконструкција и целосно опремување на спортската сала. Исто така во соработка со многу приватни субјекти се работи на дополнително опремување и оспособување  на велосипедски патеки, авантуристички паркови, а се организираат и многу настани на отворено, као што е манифестацијата ,,Крушево низ корија“, вели Габелоски.

Еден од очекувани резултати, од развојот на овој тип на туризам е поттикнувањето на локалниот економски развој. Има зголемување на сместувачките капацитети , па и во минатата 2020 година, кога  сместувачките и угостителските капацитети беа затворени, голем број граѓани инвестирале  во проширување и реновирање на сместувачките капацитети. Луѓето веќе размислуваат долгорочно за овој вид на туризам и тука го пронаоѓаат своето место. Има нови ресторани, нови пицерии. Поставени се  пет сувенирници наменети за граѓаните кои што имаат и продаваат рачни изработки.

„Занаетчиите и тие неколку здруженија и граѓани кои се самостојни и кои што работат на уникатни рачни изработки, за нас се богатство и ние како општина се трудиме да ги промовираме, во постојан комуникација сме со нив, со цел да им помогнеме во нивната егзистенција и опстанок,“ додава Габелоски.

Интересот за параглајдерството во Крушево, зголемувањето на бројот на меѓународни натпревари се повеќе го привлекува вниманието на локалното население, пред се’ младите луѓе, да започнат и тие една ваква авантура, меѓутоа тоа оди малку потешко, со оглед на фактот што станува збор за скап спорт. Во градот има параглајдерски клуб „Крушево“

„ Малку е потешко да се инвестира и да се практикува овој спорт, но клубот бележи зголемување на бројот на членови, на лица кои што пред се сакаат да го пробаат тоа искуство. Се нудат услуги како на пример, тандем параглајдинг и на овој начин локалниот клуб обезбедува егзистенција,“ образложи Габелоски.

Не само по своето славни минато,со златни букви испишано во македонската историја, не само како роден град на нашата музичка легенда Тоше Проевски, Крушево полека но сигурно станува и светска дестинација на авантуристичкиот, активниот туризам.

Височините повикуваат.