Штип беше домаќин на седница на Владата

Штип деновиве беше домаќин на четвртата седница на Владата, а во текот на денот, пред вечерната владина седница, премиерот Оливер Спасовски, повеќемина министри, заедно со градоначалникот Благој Бочварски и со претставници на локалната самоуправа, посетија неколку капацитети, фирми и установи, како компаниите „Албатрос“ и „Актива“, потоа касарната, болницата, филтер-станицата…

Посебно значајно за општината е што Владата и владини претставници потврдија две значајни инвестиции во врска со филтер-станицата и со браната на реката Отиња.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, при посетата на филтер-станицата, рече дека во тек е повик за нејзина доградба со најсовремена опрема за ултрафилтрација, а проценетата вредност била 290 милиони денари.

– Навистина се работи за голема инвестиција од околу пет милиони евра за опрема и за доградба на уште еден објект до самата филтер-станица со цел успешно да се преработува водата од ХС „Злетовица“, а со тоа и долгорочно да го решиме водоснабдувањето – истакна градоначалникот Бочварски.

Тој информираше и оти парите со кои треба да почне да се гради браната на Отиња веќе биле на сметката на Министерството за транспорт и врски, а изградбата ќе почнела по завршувањето на тендерските постапки.