Цела палета од бои по носиите на играорците разлеа силното светиниколско сонце, на Тодорова сабота. Она што се случуваше во Свети Николе во таа сончева сабота е традиција што ја знаат и почитуваат не само жителите на регионот, туку и многу пошироко. Па така, играорците кои учествуваат на Меѓународниот фестивал на изворен фолклор „Тодорица 2019“ беа пречекани со аплауз од кумановчани, скопјани, кичевчани, радовишани. Од рано претпладне групите прво продефилираа по центарот на Свети Николе, по што секоја група посебно се претстави на плочникот опкружени со голем број на љубопитници, домаќини и гости.

Гостите, тие што доаѓаат со години, знаат каков е редот и дека фолклорот е на прво место.

А играорците ги имаше од неколку краеви на земјата, кои по своите носии се разликуваа исто како и по својот говор, но доаѓаа и од Босна и Херцеговина, Бугарија и од Србија. Најпознати за публиката во Свети Николе се играорците од Чичевац, кои веќе 50 години заедно со светиниколчани ја слават Тодорица. Чичевац е збратимен град на Свети Николе, а тамошниот градоначалник, кој е на чело на градот веќе 17 години, вели дека се чувствува како дома.

-„За тие 17 години, доаѓам сто пати и ова е и мој град колку што е град на градоначалникот и на граѓаните на Свети Николе. Овие два града се збратимени и има мног мешовити бракови, има многу граѓани на Чичевац, кои овде живеат и засноваа свое семејство, како и обратно, многу граѓани на Свети Николе во Чичевац. Мене ми е драго што сум овде гост, не гост, јас сум домаќин и секогаш со задовлство доаѓам и сметам дека тоа пријателство е посебно и секогаш давам придонес да биде вакво, го гледате расположението“.

Неговиот домаќин, градоначаликот на Свети Николе, Сашо Велковски им посака добредојде и на претставниците на Општината Ќустендил, кои со себе го донесеоа и бугарскиот фолклор.

Фестивалот има долга традиција, но како се организирал со години, краток историјат ни даде директорот на Домот на култура, установа, која оваа година одбележува половина век посттоење.

Како што се редеа групите, се редеа боите, колоритот, се менуваат лицата и кореографиите, но едно е исто – љубовта кон изворното, кон традициите и култрното наследство, во кои влегува и фолклорот.

Многу млади лица имаше на сцената, многу од нив и школувани, како водачот на КУД Димитар Беровски од Берово.

На крај од денот, се славеа победниците. Фестивалски лауреат е  КУД “Панче Пешев” – Kуманово, додека второто и третото место им припадна на КУД Шкипоња од Скопје и Илинден од Битола. Најдобра инструментална изведба, КУД “Јане Сандански” – Ново Село, Струмица

Најдобра сценска изведба, ЦНТК “Абрашевиќ” – Крагуевац, Р.СрбијаНајдобра вокална изведба, КУД “Јабланичко коло” – Лебане, Р.Србија. До следната Тодорова сабота, во Свети Николе.