Од 13 до 19 септември по 34. пат се одржа реномираниот фолклорен фестивал „Истибањско здраво-живо“, кој е дел од ЦИОФФ, светската асоцијација на фестивали при УНЕСКО. Настапија повеќе од 500 фолклористи од фолклорни ансамбли од десетина земји на три континенти – САД, Израел, Турција, Србија, Словенија, Словачка, Бугарија, Украина, како и од десетина фолклорни ансамбли од Македонија.

– Успешно ја организиравме целата предвидена програма во седумте фестивалски дена. Задоволни останаа и учесниците и ние организаторите од фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања. Традиионално, генерален покровител на фестивалот е Општина Виница, а годинава, за жал, не добивме средства од Министерството за култура. Сакам да одбележам и еден гест за почит – естрадниот уметник Спасе Матлиовски, дојде од Охрид и настапи на завршната вечер во Виница без да бара ни денар – вели Стојко Митковски, селектор и директор на „Истибањско здраво-живо“.

Фестивалот официјално беше отворен во саботата, на 14 септември, во Истибања, со дефиле на сите ансамбли низ селото, кои потоа заеднички заиграа македонско оро, па имаа поедничени настапи на фестивалската сцена на отворено во Истибања. Следниот ден на виничкиот плоштад „Ангел Винички“ се заигра од сите учесници „Танцот на народите“, а на плоштадот во Виница во средата се одржа и финалната вечер на фестивалот.

Учесниците на „Истибањско здраво-живо“ еден ден гостуваа и настапија и во Македонска Каменица, беа учесници во свечено зажнејување ориз, а гостите од странство еден ден поминаа и на прошетка и запознавање на убавините на Македонија.

ФОТОГАЛЕРИЈА