Итната помош и интерното одделение на Здравствениот дом во Виница ги подобруваат здравствените услуги за пациентите со обезбедување нови современи болнички кревети што стигнаа деновиве од Ротари клубот Кочани-Виница, а се донација од Владимир Лазаров, кој живее и работи во Германија.

Донацијата беше поздравена од првиот човек на Здравствениот Дом, Венко Данчев, претседателот на Ротари клубот, Јован Попов, а јавна благодарност упати и градоначалникот на Виница, Ивица Димитров. Освен во Виница, 40 кревети се распоредени и на одделенијата во болницата во Кочани.

Болничките кревети се со електричен механизам, производство се на германската компанија „Хил Рол“, а се во вкупна вредност од околу 100.000 евра.

Во овој хуманитарен чекор на нашинецот Владимир Лазаров посредуваше општинската организација на Црвениот крст од Виница.

Инаку, Ротари клубот Кочани-Виница пред неколку месеци донираше и ЕКГ-апарат за потребите на Итната помош во Виница.