„Заедно сме посилни“ е мотото на Стопанаската комора на Македонија и токму тоа е причината и потребата од интеграција на фирмите кои што така здружено можат да придонесат за поуспешно функционирање но и да влијаат на промената на одредени законски решенија, смета претседателот на Регионалната стопанска комора Наум Барзов, кој неделава во Свети Николе со градоначалникот на оваа општина, Сашо Велков потпишаа Меморандум за соработка.

„Се надевам дека со потпишувањето на Меморандумот ќе отвориме поголеми перспективи за фирмите во Свети Николе. Стопанската комора би можела да фацилитира за одредени проблеми кои што евентуално би ги имале фирмите и овозможување поголема интеграција на тие фирми во стопанскиот живот на земјата. Како што вели нашето мото, т.е мотото на Стопанската комора- „Заедно сме посилни“, така мислам дека со поголема интеграција на фирмите во овој регион можеме да издејствуваме преку структурите на Стопанската комора одредени промени на регулативи, на законски решенија кои што би можеле да придонесат за поуспешно функционирање на фирмите што работат во Македонија. Сметам дека со учеството во работата на Стопанската комора можеме да придонесеме за подобро економско опкружување и поголеми економски резултати во фирмите“, истакна Барзов.

Потпиштвањето на Меморандумот ќе придонесе да се зголеме бројот на фирмите од Свети Николе како нови членки на Стопанската Комора, смета градоначалникот на Свети Николе.

„Општина Свети Николе се залага за тоа, на секој стопански субјект што работи и твори на територијата на општината му дадеме посебно место не само во општина Свети Николе или на регионално ниво, туку и пошироко во државата. Со самото тоа што повторно го активиравме социо-економскиот совет каде што членуваат стопанствениците од општината, се надевам дека со една ваква иницијатива, со едно општо залагање од страна на приватниот сектор ќе најдеме можност за поголемо вработување во општината, но и помош во решавањето на проблемите со кои што се соочуваат нашите стопанственици“, потенцира градоначалникот Велковски.

Освен потпишување на Меморандумот, на седницата на Регионалната комора со седиште во Штип,а  која што се одржа во Свети Николе, присутните стопанственици можеа да ја проследат и презентацијата на проектот на УСАИД  „Факторинг како алтернативен извор на финансирање“.