Рударска Македонска Каменица се пред законската реализација на долгогодишното барање на рударите – намалување на старосната граница на рударите. Министерството за труд и социјална политика, преку Владата на Македонија ќе предложи законски измени и дополнувања со кои ќе се намалува старосната граница за пензионирање на рударите. Ова до Македонска Каменица го најави минстерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, кој имаше средба со рударите, менаџментот на рудникот Саса, дел од Синдикатите и градоначалничката, Соња Стаменкова. Цели 11 години рударите до властите го упатуваа барањето за намалување на границата за пензионирање.

– Посебна радост и огромно задоволство ми претставува што денес можам да кажам, дека со редица наши средби, разговори и активности успеавме полека, но сигурно да реализираме една идеја која потекна токму од нашата општинска организација. Идеја која се појави на работен состанок пред две години, а истата произлезе од искажувањата на работниците при нашите секојдневни средби со нив. Уште тогаш ја потенциравме потребата од измени во Законот за бенефициран стаж на работниците, особено на оние во рударскиот сектор заради нивната тешка, макотрпна работа и изложеноста на постојан ризик и опасност по нивните животи и здравје, изјави градоначалничката на Општината Македонска Каменица, Соња Стаменкова.

Градоначалничката Стаменкова рече дека е посебно задоволна, што Локална самоуправа и таа како градоначалник на општина Македонска Каменица, заедно со раководствата на Синдикалните организации при Рудник САСА, успеале конечно да се изборат за еден навистина подобар закон кој ќе одговори на потребите на работниците и со кој ќе бидат уредени и опфатени нивните барања.

Раководството на Синдкатот во рударството, индустријата и енергетиката (СИЕР) смета дека имените особено ќе влијаат врз рударите кои работат на подземена експлоатација.

-Ние ако синдикат долги години притискавме со оваа идеја, баравме измени на законот, меѓутоа, дури во оваа влада најдовме соодветен соговорник , којшто ја сфати тежината на проблемот, ги сфати сите неправичости во досегашните законски решенија и еве, излегуваме со еден предлог , што ќе значи остварување на барањата на рударите, изјави Маре Анчева од СИЕР.

Со предлог измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се овозможува на осигурениците кои работат на работни места на кои стажот на осигурување им се смета со зголемено траење да им се намалува возраста за пензионирање пропорционално на времето поминато на работа со бенефициран стаж.

Министерката Мила Царовска најави дека со изготвените измени, Министерството за труд и социјална политика преку Владата на РМ предлага рударите да можат да остварат право на старосна пензија и со навршување на 40 години пензиски стаж за мажи, односно 35 години пензиски стаж за жени.

Ова решение во моменетот се однесува само за рударите, но со него се создава можност истата формула за пропорционално намалување на возраста да се применува на сите работници кои работат на работни места со бенефициран стаж.

Дополнително, Министертсвото за труд и социјална политика ќе направи и ревизија на сите работни места за кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење.