Реконструкција на покривот на СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип, и поставување фотоволтаик на ОУ во Три Чешми

Започна реконструкцијата на покривната површина  на средното училиште „Коле Нехтенин“ во Штип, а инвестицијата е на Министерството за образование и наука.

Оваа инвестиција следува по таа на Општина Штип и на Министерствтото за образование и наука во основното училиште „Тошо Арсов“ за замена на покривот и на фасадата.

„Се работи за инвестиција од околу 17 милиони денари за реконструкција на покривна површина од над 4.000 квадратни метри во СОУ „Коле Нехтенин“, истакна заменик-градоначалникот Јане Миланов.

Деновиве започна поставувањето фотоволтаик на зградата од подрачното училиште „Гоце Делчев“ во населбата Три Чешми.

Ова е четврта институција, по основното училиште Ванчо Прке, Филтер-станицата и Територијалната противпожарна единица, кадешто се поставуваат фотоволтаици за заштеда на електрична енергија.

„Средствата се издвоени од програмата за финансиска поддршка на рурален развој, односно поттикнување на локален развој на руралните средини спроведено преку мерка 413. Општина Штип како соосновач и партнер во предлог-проектот обезбедува кофинансирање од 33 отсто од вредноста на предлог проектот, а останатите се побарани и обезбедени од агенцијата за финансиска поддршка при Министерството за земјоделство. Општина Штип учествува со 100.000 денари, а агенцијата со 200.000 денари или вкупната вредност на проектот е 300.000 денари,“ истакна заменик-градоначалникот Јане Миланов.