Радовиш: Потпишан договор за реализација на проект со Сандански

На 31 јули во Општина Радовиш, од страна на градоначалникот, Герасим Конзулов, и раководителката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, беше потпишан договорот за заедничка реализација на проектот „Заеднички мерки за спречување и намалување на последиците од катастрофи во општините Сандански и Радовиш“, кој Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со општина Радовиш ќе го имплементираат заедно со Општина Сандански од Република Бугарија.

Преку овој Проект ќе се уредува коритото на реката Сушица во должина од 670 метри и ќе се изврши пошумување и разеленување околу коритото, а целта е намалување на негативните последици од поплавите, како и приспособување на климатските промени во иднина.

Вкупниот буџет за реализација на овој проект изнесува 587.931 евра, а Општина Радовиш треба да обезбеди финансиски средства со сопствено кофинансирање во висина од 191.636 евра.