Дваесетина интересни стари фотографии, избрани меѓу повеќе стотици, што сведочат за животот во Радовиш од почетокот на 20. век наваму, се поставени пред радовишкиот Центар за култура „Ацо Караманов“.

Специфичната изложба што побуди голем интерес кај граѓаните е во рамките на годинашната програма за одбележување на илјадагодишнината од првото запишано спомнување на Радовиш како средновековно гратче во грамотата на византискиот император Василиј Втори во 1019 година.

Обработката на фотографиите е на Васе Здравков, а на отворањето настапи и ансамблот „Распеани радовишани“.