Прогласени најдобрите спортисти на Радовиш за 2019 година

Во присуство на голем број спортисти, тренери, спортски работници и претставници на спортските клубови и од бизнис-секторот во општината Радовиш, во средата беше одржана традиционалната манифестација „Спортист на годината“.

Претходно, Комисијата за образование, спорт и култура и Советот на општина Радовиш, врз основа на објавениот Оглас за пријавување на спортисти, спортски работници и спортски екипи, а согласно Правилникот за критериуми за избор на спортист на годината, извршија избор на најдобрите поединци – спортисти во различни категории, спортски екипи, тренер, спортски работник и посебни спортски достигнувања за изминатата 2019 година.

На свеченоста во средата, најпрвин беа доделени плакети на најмладите спортисти и тоа на: Марко Илиев од џудо-клубот „Сенсеи“ за спортска надеж, на Мехмет Усеинов од борачкиот клуб „Бучим – Радовиш“ и на Магдалена Трајчева од џудо-клубот „Сенсеи“ во категоријата пионери. Веднаш потоа беа доделени плакети на: училишната спортска екипа „Никола Карев“, на Филип Трајанов и на Ивица Илиев од ракометниот клуб „Радовиш“, на Гоце Димовски од пинг-понг клубот „Радовиш“, како и на кадетите Арон Николов и Зорица Јованова од борачкиот клуб „Бучим – Радовиш“.

Потоа плакети добија Горан Атанасов за спортски тренер на годината и Владо Лазаров од борачкиот клуб „Бучи – Радовиш“ за спортски работник. На крајот, беа доделени плакетите за спортски екипи на годината на: алпинистичкиот клуб „Плоча“, на СРРК „Крап“ и на пинг-понг клубот „Радовиш“, како и плакетите на Мирко Василев од муаи таи клубот „Комбат“ за спортист на годината – категорија јуниори и на Александар Стојанов од борачкиот клуб „Бучим – Радовиш“ за Спортист на годината во категоријата сениори.

Градоначалникот Герасим Конзулов упати јавна благодарност до сите компании кои даваат поддршка и придонес за развојот на спортот во Радовиш.