Милиони евра се инвестирани во Свети Николе во два капитални проекти во минатата деценија, а кои сега се целосно напуштени, па дури и деградирани. Актуелната локална власт со нови вложувања се обидува да ги стави во функција, преку ревитализација.

Првиот објект е прочистителната станица за отпадни води, во која се вложени над два милиони евра, пари на донатори. Станицата не работи веќе единаесет години. Била исклучена поради тоа што трошела многу струја. Општината веројатно заштеди на струја, но потегот ја донесе целата смрдеа во градот од таложениот комунален отпад во Светиниколска река. Водата од канализацијата директно се излева во реката.

-Свети Николе има голем проблем. Греота е што овој објект, овој капацитет е напуштен. Основна причина било што се трошело многу струја за пумпите што ги прочистувале отпадната вода, меѓутоа, последиците се многукратни. Сега, комплетно отпадната вода оди во Светиниколска река, од што е загадено целото овчеполско подрачје, вклучувајќи го не само Свети Николе, туку и селата, како Пеширово, Амзабегово и Црнилиште, објаснува градоначалникот Сашо Велковски.

За сликата да биде појасна за тоа колкава штета се прави со нефункционирањето на овој некогаш капитален проект е податокот дека станицата се наоѓа непосредно до автопатот Штип – Миладиновци на клучката преку која се влегува во Свети Николе. Смрдеата е неизбежна за секој патник по автопатот, но тоа воздухот што постојано го дишат свеиниколчани и жителите на неколку населени места. За парадоксот да биде поголем, бидејќи прочистителната станица не работела, комуналците целиот смет од градот го депонирале наоколу, во кругот на станицата, која се претворила во градска депонија, а таму се носеле и сите расипани возила на комуналното претпријатие. Кога отидовме во станицата се’ уште имаше остатоци од насобраниот смет, иако од општината изнесоа податок дека во неколку дена работа, бил изнесен 2500m3 смет. Со цел ревитализација на објектот, почнати се работи на реактивирање на станицата преку грант обезбеден од ИПА фондовите за прекугранична соработка во висина од 162.000 евра.

-Со овој проект планираме комплетна ревитализазија и реконструкција на дел што го имаме тука – емширите за отпадната вода и ставање во употреба на комплетната инфраструктура што ја има на ова место. Со тоа планираме да се изврши третирање на отпадната вода од прва и втора категорија, вели Велковски.

Овие пари нема да бидат доволни за целосно ставање во функција на прочистителната станица, за што се работи проект за современо прочисутвање на отпадните води за Свети Николе и посебни проекти за неколку други населени места.

Филтер станицата е уште еден комунален „споменик“

Се чини Свети Николе е илустративен пример за тоа колку залудно се фрлени пари во објекти кои само кратко време биле биле во употреба. На една од висините над градот, како комунален споменик е филтер станицата за водоснабдување. Пуштањето на овој објект стана популарен пред целата макеоднска јавност, по снимката кога поранешниот градоначалник Слободан Даневски се поли со кофа вода, за да докаже дека водата е исправна за пиење. Години подоцна, светиниколчани го напуштија овој систем на бунарска вода и се приклучија на системот „Злетовица“. Градоначалникот Сашо Велковски вели дека водата сосема исправна за пиење, додека водата доаѓа во станицата по природен пат.

-Вложени се над милиони евра, што е многу за една општина како што е Свети Николе. Жално и трагично е што овој објект не е во употреба. Затоа, Општина Свети Николе со сопствени парични средства преку изградба на песочни филтри и ставање во погон на сите бунари каде има питка вода, да задоволиме дел од потребите на општината, кажа градоначалникот Велковски.

Активирањето на филтер станицата ќе го реши проблемот со недостатоците на вода во летниот период за повисоките делови на Свети Николе и пред се’, за 400 жители на селотото Горубинци.

-Од овде до Горубинци има 3,5 километри. Изготвена е проектна документација, ставена е како ставка во Буџетот на Општина Свети Николе, со нов цевковод од 3,5 километри. Со тоа се надевам дека ќе донесеме питка вода за пиење, бидејќи навистина оваа година имавме сериозни проблеми и покрај тоа што јавното претпријатие и општината, направија напори за прочистување на дел од водоводниот систем таму, меѓутоа, ова е веќе крајно решение, смета Велковски.

Рекреативците добиваат пешачко – велосипедска патека

Филтер станицата е еден од проектите кои ќе бидат готови во претстојната година. Веќе во март се очекува да се заврши проектот за пешачко – велосипедската патека од Свети Николе до локалитетот Била Зора, која треба да го заживее регионалниот туризам. Работите на терен се веќе отпочнати на рамнење на патеката.

-Се работи за патека од 2,5 киломтери. Во Свети Николе има полно рекреативци и овој патен правец е активен за сите нив. Веруваме дека со ова ќе овозможиме не само за рекративците, туку и за оние што го сакаат културното богатство, да отидат до локалитетот Била Зора, каде што во тек се исто така, активности околу реставрацијата на тоа наоѓалиште, изјави Велковски.

Патеката се гради во две фази, преку средства обезбедени од Вардарски плански регион, додека втората фаза е финасирана од Платежаната агениција. Оваа патека добива на значење со автопатот Штип – Миладиновци, по кој особено во деновите од викендот поминуваат повеќе десетици велосипедисти, кои се насочуваат кон руралните светиниколски делови.

-Има многу рекреативци од Скопје, кои доаѓаат со велисопеди. Сите ќе имаат можност да го посетат локалитетот и преку едно поврзување меѓу градот и селото да овозможиме добра туристичка дестинација, најавува градоначалникот.

За 2020 градски базен и Куќа на спортот

Паралено со работите на терен, Општина Свети Николе работеше на оформување на документацијата која се однесува на Деталниот урбанистички план, каде се предвидува изградба на градски базен на теренот близу некогашниот хотел Овче Поле, планиран за претсојната година, за што во Буџетот за 2020 година се планирани 10 милиони денари. Се планира и проектот за обновување на стадионот, преку изградба на куќа на спортот. Предвидена е реконструкција на градскиот стадион каде сега игра тимот „Овче Поле“, преку обновување на трибините и изградба на соблекувални. Стадионот е речиси руиниран.

Во слична сосојба е коритото на реката во централното градско подрачје, за чија реконструкција од општинскиот буџет се одвоени 50.000 евра.

-Мораме да напрамие напори дел од ова корито да санираме, верувам дека овие парични средства нема да бидат доволни за комплетно да го санираме, но дел од речното корито ќе биде саниран и реконструиран. Што се однесува до другите проекти, од Вардарски плански регион во програмата е вклучен и проектот за затоплување на Домот на културата, се надевам дека ќе даде пристојност и убави услови на сите оние што го посетуваат Домот на културата да ги следат претставите и секако да творат таму, вели градоначалникот Сашо Велковски.

Салата во Домот добива систем вреден 80.000 евра, преку проект од Вардарскиот плански регион. За следниот период остануваат за реализација неколку значајни проекти за светиниколчани. Планирано е изградба на балон сала за изведување на наставата по физичко воспитување на средношколците. Од општината велат дека претстои интензивен период на работа, преку која се исправаат грешките од минатото, а се дава нов изглед на градот, кој последните години беше целосно запоставен.