Старата и нефункционална станица за прочистување на отпадните води во Свети Николе e делумно оспособена. Оваа станица стоеше исклучена цели 12 години, поради тоа што претходните локални власти оцениле дека трошела струја.

Отпадните води од канализацискиот систем во општината во изманатите години покрај постоењето на вредниот капацитет, директно завршуваa во Светиниколска река, притоката на Брегалница, што беше погубно по биодиверзитетот на реката.  Граѓаните на Свети Николе пак од друга страна, особено во летниот период, живееја со реата од системот.

Прочистителната станица делумно е оспособена, за што, според зборовите на градоначалникот Сашо Велковски, беа потребни повеќе од две години да се стави во функција станицата и теренот околу неа. Местото околу станицата, кое требаше да служи за прочистување на отпадните води од канализацискиот систем од градот, беше затрупан со 2600 кубни метри комунален смет, кој наместо да биде изнесен на градската депонија, бил изнесуван во кругот на станицата.

-За рестартирање и ревитализација на станица вложени се 162.000 евра, од кои 138.000 евра добиени од ИПА фондот за прекугранична соработка со Република Грција во рамките на проектот „Биореал“, 24.500 евра од Министерството за локална средина, а дополнително вложи и Општина Свети Николе, оваа активност да ја рализираме како што треба, рече градоначалникот Велковски.

Овој проект трајно го решава проблемот со отпадните води  и придонесува за подобрување на условите за живот на граѓаните, кажа директорот на ЈКП Комуналец, Александар Давитков.

-По 12 години неработење на прочистителната станица, поставуваме нови стандарди во интерес на граѓаните на Општина Свети Николе, изјави Давитков

Прочистителната станица во Свети Николе е една од неколкуте вакви во Македонија, што според заменикот министер за заштита на животната средина, Јани Макрадули е дел и од европската директива за подобрување на квалитетот на водите.

-Третманот на отпадните води е еден од приоритетите на Владата и јавноста е сведок дека во изминатите три години се отворија неколку вакви станици за третман на отпадни води, во Радовиш, во Струмица, во Кочани, во Кичево… И на тој начин, пред почетокот на преговорите со ЕУ, процентот на население, кое ќе биде опфатено со процесот на третман на отпадни води, ќе биде многу поголем од некои земји, кои сега се членки на ЕУ, а кои во тој момент ги почнувале преговорите со Унијата, кажа Макрадули.

Во летото што следи, жителите на Свети Николе и околината нема да ги затвараат прозорците поради лошиот воздух. Меѓутоа, работите на оспособувањето на прочистителната станица не е целосно. Општината се надева дека владата ќе изнајде начин комплетно да го оспособи овој систем за прочистување, кој ќе придонесе за намалување на загадувањето на подземните и надземните води на Светиниколска река, но и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, што е една од европските директиви.