Привршуваат работите околу санација на свлечиштата на патот Радовиш – Конче по населеното место Дедино.Тие претставуваа опасност за сите учесници во сообраќајот.

По барање на општина Конче, Јавното претпријатие за државни патишта склучи договор со битолската фирма Стентон Градба од Горно Оризари ,која што започна со санирање на свлечиштата  а се асфалтираа и делниците.Вредноста на договорот кој беше склучен лани во декември е 283 илјади евра.

Градежните работи почнаа пролетва со цел да се обезбеди безбедност на сите учесници во сообраќајот.

,, Ова е главниот пат на општина Конче со останатите региони во државата или главната патна артерија за сите жители од населените места на Конче до Радовиш. Санирани се свлечиштата и поставен е нов асфалтен слој со што се обезбедува безбедност на учесниците во сообраќајот. Сакаме да упатиме благодарност до ЈП Државни патишта но и за залагањето на директорот Зоран Китанов да се санира овој патен правец и стави во функција’’, ни изјави градоначалникот на Конче Благој Илиев.

Свлечишта претставуваа голема опасност за сите учесници во сообраќајот заради што честопати имаше забрана за товарниот сообраќај и движење во една коловозна лента. Деновиве треба да финишираат работите за во делот на патната сигнализација

   Регионалниот пат Р2433 е главна врска на општина Конче со градот Радовиш и претставува најзначаен пат за општината. Санацијата на свлечиштето е извршено со длабоко фундирање на армирано бетонски колови, кои се меѓусебно поврзани со надколова плоча над која е изведен армирано бетонски ѕид. Зоната на свлечиштето е најпрво тампонирана, а потоа и асфалтирана со нова двослојна асфалтна конструкција. Исто така поставена е нова еластична одбојна ограда.