Пријатно изненадување на изнемоштните и болни пензионери денеска им приреди Општината Македонска Каменица. На вратата од домовите на 75 пензионери заѕвонија претставници на Општината, предводени од градоначалничката Соња Стаменкова. Ним им беа поделени солидарни пакети со прехранбени производи и средства за лична хигиена.

-Здружението на пензионери е една од најактивните организации во нашата општина и доста активно Здружение на пензионери во целата држава. Тоа го покажуваат и денес со оваа акција со која покажуваат внимание кон нивните членови, кои заради здравствени и социо – економски причини се оневозможени да партиципираат во настаните и манифестациите што ги огранизира Здружението на пензионери во Македонска Каменица“ – изјави градоначалничката Стаменкова, која ја искористи приликата да им посака многу здравје, пријатно расположение и убави моменти со најблиските за време на претстојните новогодишни празници на сите пензионери од општина Македонска Каменица.

Претседателот на Здружението на пензионери од Македонска Каменица, Видое Коневски кажа дека во соработка со локалната самоуправа традиционално на своите изнемоштени членови им подарува солидарни новогодишни пакети.

-Со ова на дело уште еднаш се покажува блиската соработка со локалната самоуправа и нашата грижа за сите наши членови и сограѓани“, рече Коневски.