Заменик амбасадорот на Јапонија во Република Македонија, Мачиа Хидеаки денеска беше во работна посета на Општина Куманово, при што заедно со Канако Теруи, вториот секретар на амбасадата, остварија средба со градоначалникот Максим Димитриевски.

Како што информираше Димитриевски, по разговорот во кабинетот, заедно е извршена посета на речното корито на реката Липковка, кое е изградено со донација од Јапонија.

– Исто така планираме да посетиме неколку мали претпријатија во нашиот град. На овој состанок стана збор за понатамошната соработка со нашата општина и амбасадата, бидејќи сакаме да ги развиваме нашите односи. Јапонскиот народ е голем донатор во нашата општина, јапонската амбасада е донатор во нашата држава и сметаме дека нашите односи треба да се развиваат на еден позитивен начин, на културно ниво и со цел еден ден да дојдеме до ниво да се зближиме со одредена општина од Јапонија, па можеби и да се збратимиме со истата, рече Димитриевски.

Втората фаза од речното корито на Липковка е завршена, по што ќе следува и завршниот дел од Градскиот парк до автопатот Скопје – Белград, односно до населбата Бедиње.

Имплементацијата на проектот ќе продолжи кога ќе се обезбедат нови средства, затоа што предвидените пари од донацијата и општината се веќе исцрпени.