Министерката Царовска го посети Дневниот центар во Виница

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска со градоначалникот на Виница, Ивица Димитров, се сретнаа со корисниците и вработените во Дневниот центар за лица со ментална и телесна попреченост во Виница. Министерката Царовска истакна дека дневните центри коишто функционираат во повеќе градови низ државата се многу важни за вклучувањето и активно учество на лицата со попреченост во општеството.

„Во дневниот центар во Виница корисниците секојдневно ја добиваат потребната нега, едукација и социјализација со кои се збогатува квалитетот на животот. Врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика останува инклузијата на лицата со попреченост и унапредување на нивните права преку развој на социјални услуги достапни на локалнo ниво“, изјави министерката Царовска.

Центарот во Виница функционира веќе 12 години и дневно го посетуваат 10 лица, за кои се грижат тројца стручни работници – дефектолог, логопед и медицинска сестра.

Освен редовни културно-хигиенски и воспитно-рехабилитативни активности во дневниот центар во Виница, се реализираат и спортско-рекреативни активности, преку вежби за правилно држење на телото, брзо одење по лента за трчење, возење на статичен велосипед, скокање, вежби за зајакнување на мускулатурата на телото, корективна гимнастика, игра со топка, игра со пилатес топка и прошетка во природа Исто така, се работи на развој на психомоторните способности кај корисниците.