Куманово е еден од првите градови во државата каде ќе започне реализација на проектот „Една точка за услуги”, со кој граѓаните на едно место ќе можат да добијат информации од 10 различни институции.

Канцеларијата за јавни услуги ќе работи на улицата „Доне Божинов“, во зградата на некогашно стопанство „Клечовце“, каде што предходно работеше Интернет клуб за граѓаните.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и градоначалникот Максим Димитриевски, неодамна ја посетија зградата, при што најавија дека започнуваат подготовките за опремување на просториите предвидени за „Една точка за услуги“.

„Целта е да се укинат шалтерите и граѓаните на иста маса со административниот службеник да ги решаваат проблемите, и на едно место да добијат повеќе услуги. Граѓаните на едно место ќе се информираат за проблеми во: МВР, Министерство за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Управата за водење на матични книги, Агенција за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, УЈП, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Централниот регистар.На овој начин ги носиме услугите поблиску до граѓаните“, – информираат од Министерството за информатичко општество.