Откако утринава со почетокот на второто полугодие од учебната година се јавија проблеми со затоплување на училниците во одредени училишта, одговор даде и првиот човек на Секторот за образование при Општина Куманово, Жика Крстевски. Според него, единствен проблем се јавува кај училиштата кои се затоплуваат на нафта, додека оние кои се на гас нема проблеми, а има доволни количини огревно дрво и за училиштата кои ја користат оваа суровина за затоплување на просториите.

Крстевски додава дека има мал проблем во доставувањето на нафтата, со оглед дека договорот со претходната фирма е истечен, а на 26ти месецов треба да се отвори нов тендер за избор на фирма која ќе доставува нафта до кумановските училишта.

Утринава ученици од неколку основни училишта настава следеа со скратени часови, некои пак беа вратени дома затоа што училниците беа премногу студени за да се одржува настава.

Како што посочи Крстевски, двата продолжени дена од распустот ќе се одработат во саботи и тоа на 25 март и на 22 април врз основа на одлуката на Министерството за образование и наука.