Куманово е град на културата за оваа година, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот Максим Димитриевски.

Апликацијата е прифатена од Министерството за култура, добиено е решение со кое Куманово се прогласува за град на култура.

-Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на Министерството за култура, Владата, бидејќи ова е едно признание за големиот јублеј на општината пет века постоење на Куманово, рече Димитриевски.

Општината аплицирала со повеќе програми и настани и побарале 15 милиони денари, а одобрени се средства од три милиони денари кои ќе бидат поддршка за настаните и манифестациите.

-Општина Куманово во рамки на тековната програма обезбеди буџетски средства во висина од 10 милиони денари и дополнителните од три милиони кои што ги добивме од Министерството, се скромни, сакајќи достоинствено да одбележиме пет века постоење ќе упатиме директен допис и барање до Владата, за да излезе во пресрет на нашите барања, рече Димитриевски.

Општината во соработка со институциите, установите од културата и спортот ќе реализира бројни настани, активности, манифестации, театар, музика, концерти, настапи на балет, издавање промотивни видеа за развојот на Куманово, бројни манифестации од музејската дејност, преработка на песна „Куманово во срцето“, дела за творештво на Карпош, фолклор, музички хепенинг на Аџитепе, театарска претстава „Ленче Кумановче“, документарни филмови, видео спот за песната „Прошета се Јовка кумановка“ во изведба на Некст Тајм и бројни манифестации, 26 повеќе од претхоно утврдената програма.