Ученичкиот дом во Свети Николе, во кој многу познати земјоделски стручњаци ги поминуваа средношколските денови во изминатите четири децении, ќе биде реконструиран. Министерството за образование и наука одвои средства за целосна реконструкција, во рамките на капиталните инвестиции за оваа година. За СОУ „Кочо Рацин“, во чии рамки работи ученичкиот дом, ова е одамна очекувана вест.
-Руиниран е ученичкиот дом. Ќе го обновимие, а со тоа ќе ни се овозможи да ни се вратат децата во училиштето, да ни се зголемат децата во домот, да го зголемиме квалитетот. Со техничката документација, предвидено е реконструкција на сите три објекти на училиштето, меѓутоа, треба многу повеќе средства. Во првата фаза, ќе оди ученичкиот дом и една зграда од училиштето, вели директорот Коста Штериов.
Светиниколското училиште е со три правни субјекти, во кое работат гимназијата, стручното училиште со насоки за ветерина, мехатроника и земјоделски струка, како и ученичкиот дом. Некогаш овој дом згрижувал 145 ученици, кога во собите пресотојувале и по 15 деца, за во 1996 година собите се реконструираат и се преградат, со што ученичкиот дом се оспособи за пресој на 106 ученици. Лани престојувале 32 деца, откако земјоделската струка ја загуби атрактивноста кај овие нови генерации, велат од раководството.
Со години се чека на обнова на домот и затоа објавата на министерот за образование и наука Арбр Адеми, беше одамна очекувана вест.
-Планирана е комплетна реконструкција на ученичкиот дом, кој е во склоп со СОУ ,,Кочо Рацин“ – Земјоделско училиште, Општина Свети Николе. Поради комплексноста на објектот, кој се состои од три правни субјекти (гимназија, земјоделско училиште и ученички дом) во оваа фаза ќе се интервенира само во Средното земјоделско училиште и Ученичкиот дом кој е составен дел на комплексот. Со реализација на овој проект учениците и корисниците на домот ќе добијат современи услови за нормално следење на наставата и пријатен престој во сместувачките капацитети кои во моментов не ги исполнуваат ни минималните услови, изјави министерот Адеми.
Обновата на домот има поголемо значење на СОУ Кочо Рацин. Тоа е можност да се размислува за одмана проектираните развојни планови, вели диркекторот Штериев, кои подразбираат изградба на стационар за кучиња за целиот Вардарски регеион. Инаку, ученичкиот дом е во една од трите згради на училиштето. Едната е во центарот, каде се сместени гимназиските паралелки, додека втората е на влезот од градот, каде се стручните паралелки со ученичкиот дом и кујна во приземјето.