И во вонредна состојба, Штип не заборави на загинатите во шестоаприлското авиобомбардирање на градот во 1941

Шести април, денот кога во 1941 година Штип при нападот врз тогашна Југославија бил бомбардиран од фашистичката авијација, годинава, поради коронавирусот и вонредната состојба, првпат беше одбележан без вообичаената масовност, а на чествувањето за загинатите пред спомен-плочата поставена на зградата на Народниот театар, беа само градноначалникот и двајца членови на раководството на штипската Боречка организација.

– Пред 79 години градот бил нападнат од фашистичкиот окупатор, од германските борбени авиони коишто го уништиле градот и имало многу човечки жртви. Изразуваме почит кон оние кои ги дале своите животи во минатото, со една единствена цел – да имаме слободна, независна и суверена држава, тоа што денес и го имаме – рече градоначалникот Благој Бочварски.

Бомбардирањето на Штип почнало утрото на 6 април. Авионите првин смртонсниот товар го истуриле на кејот на реката Отиња и врз тогашната Соколана во која бие стационирани две единици на тогашната Брегалничка дивизија на војската на кралска Југославија. Од бомбите и митралирањето загинале околу 150 војници и офицери, а многумина биле ранети. Отиња била црвена од крв.

Една од екслодираните бомби што се’ уште може да се види на Исарот

Во вториот налет половина час подоцна, авионите ги бомбардирале Исарот, Горно Маало, Тузлија, Грнчарското Маало, а била погодена и тогашната штипска болница. Загинале 54 граѓани, 22 биле ранети, а десетмина се водат за исчезнати.

Еден од погодените објекти на тогашната болница

Штипјани секој 6 април им оддаваат почит и на загинатите во авиобомбардирањето на 6 април 1941 година – пред спомен-релјефот на зградата на Театарот и пред заедничката гробница на Градските гробишта во Штип.

Заедничката гробница на Градските гробишта