Продажбата на земјоделски производи во пазарните денови во Свети Николе, досега се одвиваше во несоодветни услови, бидејќи стариот градски пазар изграден пред околу педесетина години, не ги задоволуваше потребите и критериумите за понуда на производите и стоките наменети за купувачите.

Тезгите во отворениот дел на пазарот скоро целосно се уништени, па продавачите на сезонско овошје и зеленчук, беа приморани да се снаоѓаат како знаат и умеат, односно да поставуваат свои импровизирани тезги или производите да ги поставуваат на асфалтот. Локалната самоуправа на општина Свети Николе, подолго време бара решение за овој случај, па за таа цел обезбеди финансиски средства за изградба на нов објект, во рамките на постојниот градски пазар.

Објектот ќе располага со површина од 640 метри квадратни покриен и 1900 метри квадратни отворен дел, во него ќе бидат сместени околу сто гондоли за продавање, со што и продавачите и купувачите ќе бидат заштитени од временски непогоди, ќе биде олеснет пристапот до тезгите, ќе бидат изградени нови санитарни јазли. Како што вели градоначалникот на општината Сашо Велковски, обезбедени се околу 260 илјади евра грант од ИПА програмата за рурална инфраструктура на Европската унијаи од буџетот на локалната самоуправа на општина Свети Николе. Реализацијата на овој проект е со цел да го модернизира, односно да ја подобри функцијата на пазарот со реализирање на функционалната целина на пазарот која се однесува на отворената површина за продажба на земјоделски и прехрамбени стоки, со што ќе се заокружи функцијата на постојниот зелен пазар.