„Јас сум Деана, се јавувам од градинката „Бамби“. Овде има пожар“ – ова во краткиот телефонски разговор на бројот 193 со пожарникарите во Македонска Каменица, го соопшти малата Деана, која го здогледа чадот во дворот на градинката. Веднаш пристигнаа два црвено – бели камиони на Теритријалната притивпожарна единица, со неколку пожарникари во полна опрема. Деана и нејзините другарчиња гледаа како набрзо пожарникарите го изгасија огнот, а две деца беа изнесени на тревата, а потоа на носила во амбулантното возило пренесени за да им се пружи медицинска помош.

Ова беше само показна вежба, но децата учеа како да пријават пожар и како потоа професионалците се справуваат со стихијата.

По повод Денот на пожаниркарите, припадниците на ТППЕ Македонска Каменица во дворот од каменичката детска градинка „Бамби“ изведоа показно-тактичка вежба за интервенирање при извршување на операции во случај на пожар и симулирано извекување на повредени лица при непогоди и несреќи од ваков вид.

Акцијата пред вработените во установата и дечињата при „Бамби“ беше изведена со две противпожарни возила, од страна на шест професионални пожарникари, во присуство на екипа за Итна помош од Здравствениот дом во Македонска Каменица и припадници на полицијата.

Командирот на единицата Малин Трајчевски во своето кратко обраќање до присутните им го честиташе празникот на сите пожарникари при ТППЕ Македонска Каменица и на колегите пожарникари во републиката, упатувајќи поздрав до сите присутните на настанот и до жителите на Општината.

На тактичко-показната вежба беше присутна и градоначалничката на општината, Соња Стаменкова која го искористи своето присуство на сите вработени во ТППЕ – Македонска Каменица да им го честита празникот и да им посака уште многу професионални успеси, пренесувајќи им порака дека Локалната самоуправа и во иднина ќе работи во интерес на сите, за подобрување на капацитетите и условите за работа на единицата.

На настанот, покрај дечињата и вработените во ЈОУДГ „Бамби“, исто така присуствуваа и ја следеа изведбата на вежбата и штитениците и вработените во Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица.