Во Штип се врши дезинфекција на станбените згради, мобилни тимови помагаат за купување лекови, храна…

Покрај мерките препорачани од Владата и од други надлежни државни институции за справувување со коронвирусот, и штипската локална самоуправа презема повеќе мерки. Освен дезинфекцијата на улиците и јавните површини, деновиве екипи, предводени од пожарникарите, вршат дезинфекција и на станбените згради.

Активни се и мобилните тимови на Општината и на Црвениот крст. Тие даваат логистичка помош на стари и/или изнемоштени лица, самохрани родители, хронично болни, семејства на лица со попреченост и други социјално-ранливи категории, при набавка на прехранбени продукти и хигиенски средства, набавка на лекови и медицински реквизити, извршување на шалтерски услуги – подмирување сметки за режиски трошоци и подигнување лекарски рецепти.