Нови 13 дефектолози за училиштата во Карпош

Општина Карпош  во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување на Република Македонија, како и со директорките на осум основни училишта од Општината, потпиша Меморандум за реализација на проектот „Карпош  за еднаквите во училиштата“. Како што нагласи градоначалникот на Општината  Стевчо Јакимовски, локалната самоуправа, постојано апелирала за ангажирање на стручни дефектолози кои ќе работат со ученици со посебни потреби- основци во училиштата на територијата на локалната самоуправа.

Раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес, Анета Марковска- Илиевска напомена дека вкупно 13 дефектолози ќе бидат ангажирани со овој проект, кои ќе примаат месечен надоместок од 6.200 денари, додека Општината со свои финансиски средства ќе го покрива превозот за стручните лица:

„ На барање на родителите, Општина Карпош аплицираше до финансисерот на проектот УНДП за времено ангажирање на 13 лица кои ќе бидат асистенти за учениците со попреченост во развојот“.

Проектот ќе започне да се спроведува од 1 октомври, и ќе заврши на 31 мај, по што ќе следува евалуација на истиот. Осум, од вкупно десет училишта кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа ќе учествуваат во проектот, потенцираше Марковска- Илиевска.

Основните училишта: „Братство“, „Владо Тасевски“,„ Димо Хаџи Димов“, „Аврам Писевски“, „Јан Амос Коменски“, „Петар Поп Арсов“, „Лазо Трповски“ и „Вера Циривири –Трена“, се осумте училишта од Општина Карпош кои го потпишаа меморандумот и ќе учествуваат во спроведувањето на овој проект.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *