Со четиридневна богата програма Виница го одбележа 30ти август – денот на ослободувањето.

Посетителите на Општината во Кочанската Котлина имаа можност да проследат четири концерти, две изложби, да бидат дел од промоција на научно истражувачки труд, театарска престава и за прв пат дел од трките „Чупино Треил“.

Настанот „Чупино Треил 2018” вклучуваше две трки со различни должини на падините на Плачковица.

  • Натпреварувачите имаа можност да одберат пократка трка „Бумбарска треил” која беше предизвик за почетници во планинското трчање. Патеката е долга 13 километри со 800 метри висинска разлика. Поголемиот планински предизвик е трката „Чупино Треил” која има должина од 30 километри со 1800 метри висинска разлика. Таа минува низ селата Липец и Блатец за потоа да се упати кон стрмно искачување до врвот Чупино Брдо 1725 м.н.в. Попатно, натпреварувачите може да се воодушевуваат на прекрасните погледи на Осогово, Кадиица, Пирин, Рила, Беласица, Кожув, Јабланица, Шар Планина и Митикас, Грција. – рече Дарко Атанасов дел од тимот за организација The Running Squad.

Триесетте километри предизвик во трката за „искусни“  прв во машка категорија ги совлада Александар Спасов од Бугарија.

  • За трката дознав од организацијата „Владимир Попов“, од таму ме поканија и искрено се радувам што бев дел од оваа трка. Навистина беше тешко, но успеав да ја совладам патеката прв, ми требаа три часа и четириесет минути.

По Спасов, пристигна Александар Кирковски од Македонија.

– Сум учествувал на голем број планински трки во Македонија, на Балканот, низ Европа, а „Чупино Треил заслужува чиста десетка. Секоја чест за тимот од организација!“

Трет во машка категорија повторно учесник од Бугарија.

–       Навистина беше тешко да се совлада предизвикот, проблем не беше самата патека, туку топлото време, но се справивме и со овој предизвик. Пиевме многу вода, електролити и успеавме да стигнеме до целта. – изјави Росам Русев

„Чупино Треил“ беше атрактивна и за девојки. Во женска категорија како втора заврши прилепчанката Мери Мирческа.

  • Имам трчано на многу патеки, но оваа беше една од најтешките. Искрено топлото време мене ми создава проблеми, олеснително ми е трчањето по влажно, врнежливо време.

Настанот беше под покровителство на Општина Виница.

–       Општина Виница за прв пат организира ваков настан.„Чупино Треил“ беше само една од активностите кои ги вклучивме во одбележувањето на 74 години слободна Виница. Низата културни и спортски настани дадоа посебен белег на прославата. Одбележана беше 40 годишнината од откривањето на теракотните икони. Првиот ден  финишира со концерт на „Драган Даутовски Дуо“. Имаше промоција на научно-истражувачки труд „Војната за ресурси, причина за нарушување на глобалната безбедност“ од авторот д-р Гоце Георгиев, театарска претстава за деца „Али баба и четириесет разбојници, детски фудбалски турнир, концерти на „Игуана“ и „Нокаут, но и многу други настани – изјави градоначалникот Ивица Димитров.

„Чупино Треил 2018“ беше во организација на Општина Виница, локални спонзори и организација The Running Squad.