Во месец мај, кога е и законскиот рок за упис на деца во прво одделение за учебната 2017/2018 година, во општинските основни училишта се запишале вкупно 453 ученици. Од нив 387 се запишани  во матичните, а останатите 66 во подрачните училишта. Од податоците добиени од училиштата, по дадени изјави од роднини и комшии на децата кои се достасани за запишување, досега има податок за околу 50 деца кои не се наоѓаат на територијата на општина Струмица, односно се иселени во странство.

Денеска завршува учебната 2016/2017 година во која деветтото одделение го завршуваат 574 ученици. Генерациски гледано, оваа учебна година, во прво одделение имало најмногу запишани ученици-620, а во петто одделение најмалку запишани ученици-487. Бројот на ученици во другите одделенија генерациски се движат во рамките од 547 до 560.Родителите кои од разни причини своите деца не успеале да ги запишат во прво одделение во предвидениот рок тоа ќе можат да го направат до почетокот на новата учебна година.