Општината Виница организираше богата програма по повод 75-годишнината од ослободувањето на градот и седумдесет и петте години слободен живот во општината. Програмата започна во понеделникот на 26 август, а заврши во неделата на 1 септември.

Во понеделникот во манастирот „Св. Ѓорѓи“ во Блатец беше отворена првата ликовна колонија „Св. Ѓорѓи“. Во средата и во Блатец беше одбележана 75-годишнината од ослободувањето на тоа виничко село и некогашен општински центар, а вечерта во Сината сала во Виница имаше проекција на анимираниот филм за деца „Неверојатната приказна за џиновската круша“.

Прва ликовна колонија „Св. Ѓорѓи“

Во четвртокот напладне во библиотеката „Ванчо Прке“ беше промовирана поезијата на македонскиот современ поет Игор Крајчев, а вечерта во фоајето на Домот на културата беше отворена изложба на дела од роднокрајни автори. Дури 26 уметници од општината Виница за првпат се обединија на едно место. Повеќето беа присутни, а и отсутните, од кои некои покојни, „зборуваа“ преку своите дела – сликарство, копаничарство, резбарство, стрип, скулптури… Првата изложба на роднокрајни автори како идеја ја зачна музејот „Теракота“ во соработка со Здружението на уметници „УМ“. Дел од ова екипа роднокрајни автори што го водат „УМ“, заедно со Општина Виница и Домот на културата „Тошо Арсов“, ја организираа и првата ликовна колонија „Св. Ѓорѓи“, која ќе биде традиционална, а создадените 26 дела од 18 автори веќе се изложени во галеријата „Венеција“.

На 30 август, Денот на ослободувањето на Виница, првин се положи свежо цвеќе пред спомен-бистата на народниот херој Кирил Михајловски – Груица, кој, како што истакна Тодор Димитров, секретар на виничката боречка организација, ја имал главната командна улога во Четвртата македонска бригада што ја ослободила Виница, подоцна тој винички генерал дал придонес и за развојот на виничкото стопнство, а во 1946 година бил претседател на македонската државна делегација што учествувала во пренесувањето на моштите на големиот македонски револуционер Гоце Делчев од Софија во Скопје.

Од полагањето свежо цвеќе пред бистата на генерал Груица

– Виница во Втората светска војна учествуваше со 950 борци, од кои 104 се жртви. Четвртата македонска бригада на 30 август 1944 година од Плачковица се спушти во раните утрински часови и изврши напад за ослободувње на градот. Бугарските полицајци од Виница избегаа во Кочани. Бригадата дојде на виничкиот плоштад, каде што беше пречекана од многуброен народ, кој цел ден ја славеше слободата со музика, песни и ора – рече Тодор Димитров.

Пред спомен-бистата на Славчо Стојменски и неговите внуци со семејствата

Свежо цвеќе, во присуство на семејствата на неговите внуци, беше положено и пред спомен-бистата на народниот херој Славчо Стојменски во кругот на училиштето што го носи неговото име, а потоа во Сината сала пред повеќе од 300 луѓе беше промовирана монографија за ОУ „Славчо Стојменски“, во која авторот Тодор Димитров, освен за училиштето, дал и опсежна слика за историјата на градот, за културата и за образовниот процес во изминатите 137 години во Виница. Од името на Општината, градоначалникот Ивица Димитров му врачи плакета на Димитров, нагласувајќи дека неговиот труд, кој не е прв, дава сеопфатна слика за виничкото образование за период подолг од еден век.

Полна сала и по еден примерок од книгата за сите присутни на промоцијата на монографијата за ОУ „Славчо Стојменски“

– Од лани, ова е втор труд што се печати со целосна поддршка од општинскиот буџет. Давам отворен апел до сите наши сограѓани и творци кои имаат квалитетен материјал од значење за Виница заедно да го овековечиме во печатен материјал – истакна Ивица Димитров.

Градоначалникот му врачи плакета од Општината на авторот Тодор Димитров

Вечерта во Градскиот парк беа промовирани првиот том на Првата македонска рок-енциклопедија и книгата „Македонска дискографија – винили“, а потоа се одржа фестивалот „Слободна зона“.

Во саботата наутро на Градскиот стадион почна регионалната велосипедска трка „75 години слободна Виница“, во која учествуваа околу 90 учесници од Виница, Штип, Кочани, Струмица и од дуги градови, а потоа и „Виница куп 2019“ во мал фудбал, на кој учествуваа 24 екипи од цела Македонија. Вечерта,пак, на преполниот винички плоштад Ангел Винички се одржа музички хепенинг и концерт на групата „Црвена јабука“.

Полн плоштад (фото горе) на концертот на „Црвена јабука“ (фото долу)

Во неделата се одржа атрактивната меѓународна трка „Чупино трејл“, на која настапија околу 150 натпреварувачи. Во трката на 40 километри до врвот Лисец на Плачковица победи Ивајло Атанасов од Бугарија со време од 4 часа и седум минути, пред Марјан Бонев од Велес. И на трката од 16 километри победи натпреварувач од Бугарија – Мирослав Спасов, пред Дејан Ангеловски. Во женска конкуренција на 40 километри надобра беше Сања Најдовска, а на 16 – Марија Филип.