Со повеќе мерки, пред се’ со одредени олеснувања на локалните бизниси, општина  Свети Николе ќе се обиде да сoздаде услови за намалување на невработеноста. Евиденцијата на Агенцијата за вработување вели дека во oпштината со 18.600 жители  има регистрирано вкупно 2300 невработени лица. Причините од една страна е слабата понуда на работни места  но и фактот дека голем број на невработени пред се’ млади лица кои во потрага за вработување и поголема заработувачка се’ помасовно заминуваат надвор од државата.

Градоначалникот на општина Свети Николе, Сашо Велковски, вели дека мерките кои што општината може да ги преземе како локална самоуправа, независно од  мерките на државата се однесуваат главно на олеснување за бизнисмените кои што имаат намера да инвестираат на територијата на општината, ослободување на дел од комуналните такси, како и понуда на плацеви за изградба на индустриски и занаетчиски погони.

Министерката на труд и социјална политика Мила Царовска при презентацијата на мерките за стимулирање на платите во трудоинтензивните мерки, ги презентираше и мерките за намалување на невработеноста со кои се опфатени речиси сите категории на невработени.

„Важно е дека сите млади луѓе но и сите останати кои што се долгорочно невработени да ја вратат довербата во Агенцијата за вработување. Мерките се креирани согласно нивните потреби. Се трудиме максимално да сме флексибилни, да нема рокови за аплицирање, да течат сите повици цела година. Има доста мерки кои се за преквалификација, доквалификација, субвенционирано вработување, да се поврзат со работодавачите, да одат во Агенцијата, да прашуваат кои се мерките, за да можат едноставно да се врати таа комуникација. Од дома никој нема да ви понуди работа. Мора проактивни да бидат младите но и оние кои дого време се без работа. Сметам дека сите мерки кои што се прават и за поттикнување на растот на плати и минималната плата но и оние сите мерки за поддршка на бизнисот отвараат нови работни места но и она кое што недостига е квалификувана работна сила. Токму затоа сите мерки кои што Агенцијата ги нуди во суштина даваат можности некој да се преквалификува или да се стекне со дополнителни знаења кои што ќе им обезбедат полесен пристап до пазарот на трудот на сите наши граѓани.“- вели Царовска

Најголем дел од вработените во Свети Николе работат во текстилната индустрија а над 800 лица се водат како индивидуални земјоделци. Голем број од вработените светиниколчани се евидентирани во трговијата и услужните дејности.

Влада почна со спроведување на мерката за финансиска поддршка за раст на платите во трудоинтензивните фирми за што од буџетот се издвоени 360 милиони денари. Во повеќе градови низ земјава беа презентирани овие нови владини мерки. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претседателот на Организацијата на работодавачи овие мерки ги презентираа пред работодавачите од оваа општина, од  Куманово и Штип.

Преку оваа мерка државата ќе обезбеди директна финансиска поддршка од 30% од растот на бруто плата на работници, за исплата на повисоки плати до 18.000 денари. Мерката е наменета за фирми кај кои трошоците за вработени сочинуваат повеќе од 50% од вкупните трошоци и не прават високи профити, односно фирми кои имаат добивка како процент од вкупните расходи помала од 10%. Спред пресметките на МТСП околу 15.000 компании и 50.000 работници ги исполнуваат условите за користење на оваа мерка.

Царовска појасни дека со оваа мерка дополнително се поттикнува спиралата на севкупниот пораст на платите за работниците во Република Македонија.  Министерката посочи дека целта на овие владини мерки е да се овозможи раст на платите, како предуслов за поквалитетен животен стандард, но истовремено да се задржи кондицијата на фирмите и да се подобри продуктивноста на работниците.

Претседателот на Организација на работодавачи Ангел Димитров, смета дека покрај оваа мерка, важно е да се знае дека и активните мерки за вработување преку АВРМ се подобрени во споредба со минатите години. Голема дополнителна форма на поддршка може да се добие и преку Фондот за иновации, кој финансира и до 70% од проектите и притоа обезбедува бесплатна консултација за подготовка на проекти.

„Јас се надевам дека работодавачите ќе бидат похрабри овој пат и сите ќе конкурираат. Нема потреба да се плашат од конкуренција и од големи административни процедури. Тие ќе бидат поедноставени. Целта е овие средства кои што Владата ги обезбеди во буџетот да се искористат за подобрување на стандардот на вработените, не е целта да останат неискористени“ смета Димитров.

Можеби незначително, но и оваа мерка на некој начин ќе ја намали невработеноста  во општината, смета градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски.

-„Тоа ќе ги охрабрува стопанствениците од општина Свети Николе, да го зголемат и бројот на невработени а од друга стана ќе влијае на подобрување на животниот стандард на нашето население“смета Велковски

Општина Свети Николе работи и на привлекување на инвеститори и домашни и странски. Веќе има изготвено, детални урбанистички планови за четири индустриски зони со површина од околу 80 ха. Најголема од нив е индустриската зона „Овче Поле“ со околу 60 илјади метри квадратни, потоа Индустриската зона „Мало стопанство“ со околу 15 илјади метри квадратни и индустриските зони „Југ“ и „Мавровица“.