Секоја вечер полна трибина на повеќенаменскиот спортски терен во радовишкото село Ораовица. По повод Илинден, две недели, под покровителство на Општина Радовиш, а во организација на ФК „Изведен“, се играше турнирот во мал фудбал „Ораовица 2019“, кој е веќе традиционален, а годинава се одржа по четврти пат.

На турнирот учествуваа вкупно 24 екипи поделени во две категории: 19 екипи во категоријата сениори и пет екипи во категоријата јуниори.

Во категоријата сениори првото место место го освои „Златно зрно“, второто „Дијаспора-Ораовица“, а третото место – „Клими Мк“. Кај јуниорите, пак, прва беше екипата „Термоинг“, втора „Валентина 2009“, а трета „Заварувач Ико“.

За најдобар играч на турнирот беше прогласен Зоран Левевски од екипата на „Златно зрно“, за најдобар голман беше прогласен Мирко Соколов од екипата на „Клими МК“, а за најдобар стрелец – Дарко Коцев од екипата на „Дијаспора Ораовица“.

Пехарите, медалите и вредносните ваучери на најуспешните екипи им ги доделија градоначалникот на Општина Радовиш, Герасим Конзулов, Енис Омер, претставник од Советот на Општина Радовиш, и Ристо Спасов, претседател на Комисијата за спорт при Советот на Општина Радовиш.