Половина милион евра за урбанизација на виничкото Ромско Mаало

Со повеќе од половина милион евра европски пари, Општина Виница ќе ги подобрува условите за живот на ромското население. Oдобрени се три големи проекти чија имплементација ќе оди чекор по чекор.

-Аплициравме со три проекти што се однесуваат за Ромите. Одобрени се 535.000 евра, општинскиот буџет учествува со 13 000 евра и со таа сума е планирано донесување на ДУП за блок 18, со кој ќе се реши урбанизацијата на објектите во Ромското маало, реконструкција на 22 куќи во тоа маало на социјално најранливите семејства и на 177 семејства кои го почнале процесот на легализација да им се помогне да ја завршат легализацијата комплетно со решение. Проектот е со важност од две години, така што имплементацијата ќе оди чекор по чекор – вели градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Деновиве во посета на Виница беше Марта Гардие Фидалго од Европската Комисија за инклузија на Ромите во Брисел , за да се запознае со состојбата на Ромите во Виница пред, а ќе дојде и после завршувањето на овие проекти.

– Виница има неколку проекти што можат да бидат пример за другите општини, градоначалникот Димитров има добар пристап кон состојбите кај ромското население и тоа може да носи позитивни резултати. Наскоро ќе почнеме со стипендии за ромските деца, а имаме и проект за домување. Сакавме да се информираме како стојат работите пред почетокот на реализацијата на проектите и како ќе биде после нивната реализација – рече Марта Фидалго.

Овие проекти ќе се реализираат со поддршка на Ромскиот ресурсен центар, невладината организација CELIM од Италија и Општина Виница како грант од европските фондови од Програмата за годишни акции во Македонија во рамките на инструментот за претпристаптна помош (ИПА 2) за поддршка на социјалната инклузија на Ромите.