Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов оствари средба со Бојан Јовановски – новоизбраниот претседател на Меѓународниот сојуз за цивилно општество  и социјално загрозени категории. Според Костадинов, целта на средбата беше покрај давањето конкретна помош и поддршка на семејството Тасеви, создавање и основи за потпишување Меморандум за генерална соработка помеѓу Сојузот и општина Струмица.

„Станува збор за Меморандум кој ќе ги опфаќа сите граѓани на општина Струмица, особено, најранливите категории,  преку точен систем кој предвидува јасни мерки и активности кои секако ќе го содржат тој Меморандум, а кој ќе го потпишеме во иднина. Не можеме да го занемариме фактот дека општина Струмица преку своето функционирање претставува европски ориентирана општина, а мораме да спомнеме дека Меѓународниот сојуз делува согласно сите стандарди на Европската унија и од таа причина од разговорот со господинот Јовановски наидовме на разбирање и на ист јазик по скоро сите точки. Искрено, морам да кажам дека моја цел и цел на господинот Јовановски е да гледаме што повеќе насмеани лица и да пружиме рака и помош на оние на кои им е најпотребна. Се надевам дека оваа наша денешна средба ќе биде основа за долга и плодна соработка меѓу општина Струмица и меѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории“, рече Костадинов.

Јовановски се заблагодари за средбата и изрази задоволство што може да соработува со млади луѓе кои се полни со ентузијазам, верба во добро и во своите цели.

„Денеска видов дека градоначалникот на Струмица има јасна намера и со топло срце да помогне таму каде што е потребно и такви луге се потребни на ова општество и мислам дека мисијата доколку работиме сплотено и заеднички ќе биде остварена“, рече Јовановски.

По средбата во кабинетот, Костадинов и Јовановски го посетија семејството Тасеви на кое му е потребна помош.