Општината Кочани, со средства од општинскиот буџет, започна со реконструкција на  во селото Тркање. Активностите се почнати од мостот во непосредна близина на училишната зграда и ќе се изведуваат од десната страна по течението на Трканска Река, во должина од околу 400 метри. Новата канализациска мрежа ќе прифати поголем дел од фекалните води од селото и ќе го спречи нивното излевање во Трканска Река.

– Решаваме децениски проблем во селото Тркање, проблем што ги засега сите жители од ова населено место. Неговото надминување ќе овозможи да размислуваме за натамошно уредување на коритото на Трканска Река парковско озеленување на одредени површини, поставување урбана опрема и подобрување на јавното осветлување покрај реката, најавува градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев.

Реконструкцијата на канализацијата во Тркање, според најавите од „Водовод“ се очекува да заврши за неколку седмици.

Во Кочани изминатата недела стртуваше уредувањето на градежното земјиште за новата детска градинка во Кочани. Следи изборот на изведувач на градежните работи, според процедурите на Светска банка, која ја финансира изградбата на новата градинка во Кочани.

Новата детска градинка во Кочани ќе биде современ, компактен објект, проектиран според најсовремени стандарди – градинка од отворен тип со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност. Објектот ќе има најсовремена фотокаталитичка фасада која ќе дава ефект на 40 дрвца и ќе го прочистува воздухот во околината на градинката од смог и загадување.