Тендер вреден 73 милиони денари, или 1.185.250 евра, е распишан од страна на Општина Куманово за превоз на учениците во претстојната 2018-2019 учебна година.
Во огласот доставен до Бирото за јавни набавки се наведени 32 линии од кои треба да се одвива транспортот од сите основни и средни училишта во градот.

Огласот ќе трае до крајот на месецов, па останува нејасно дали превозникот ќе биде избран навремено со цел учениците уште од стратот на учебната година ќе имаат обезбеден превоз.

Како што може да се види од архивата на Бирото за јавни набавки, сите тендери од 2015 година досега ги има добиено компанијата „Оли травел“, за што од општината биле одвоени вкупно 4,1 милиони евра.

Дополнителни 126 илјади евра општински пари завршиле на сметката на компанијата „Делукс“ за такси превоз на учениците со псоебни потреби. Средствата се исплатени на еден тендер во 2014 година и два тендери во 2017та.

Средствата наменети за превозот на ученици се добиваат како блок дотации од Министерството за образование и наука и нив локалната самоуправа само ги распределува до компанијата што ќе го добие тендерот.