Современо повеќенаменско спортско игралиште во петокот беше отворено во центарот на Македонска Каменица, во дворот на гимназијата „Миле Јаневски – Џингар“. Игралиштето, кое е донација од рудникот „Саса“, е со површина од 800 квадратни метри. Има стандарден терен за кошарка со кошеви според ФИБА-стандардите, за мини-фудбал и за тенис со нога. Целата површина е со спуртон-подлога, а околу теренот е поставена урбана опрема.

Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, истакна дека „Саса“ ја препознала потребата на спортистите и на младите каменичани и го реконструирала старото игралиште.

Новите кошеви ги испробаа и градоначалничката Стаменкова и директорот на „Саса“, Телној

Олег Телној, генерален директор на рудникот „Саса“, рече дека со задоволство го реализирале овој проект предложен од локалната самоуправа и додаде оти се надева дека на реконструираното игралиште ќе уживаат сите млади во Македонска Каменица и оти тоа ќе придонесе за развој на спортот и на вистинските вредности.

Младите каменичани уште првиот ден масовно дојдоа на реконструираното игралиште

Осумилјадната општина Македонска Каменица во моментот има пет екипи што се натпревруваат во квалитетните македонски лиги. Во најсилните први лиги се женските тимови во фудбал и во кошарка, а во вторите македонски лиги се машките екипи на клубовите во фудбал, футсал и во кошарка.