Вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов, вчера, му ја предаде градоначалничката функција на д-р Коста Јаневски, кој од денеска е новиот градоначалник на општина Струмица. Јаневски ја презеде функцијата по добивањето на решението за избор од Општинската изборна комисија.

Костадинов кој осум месеци ја извршуваше градоначалничката функција, на примопредавањето се заблагодари на поддршката од општинската администрација и  граѓаните, рече дека со д-р Коста Јаневски, Општината ја остава во сигурни раце, а од позицијата на пратеник во Собранието на Република Македонија ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните.

Јаневски рече дека со голема чест и одговорност ја презема градоначалничката функција. Им се заблагодари на граѓаните за поддршката и кои во неговата програма ја препознале неговата визија и љубов кон Струмица, а потенцираше дека сака заедно со нив да ја градат иднината на Струмица.